„Фајзер“ почна испитување на вакцина против Ковид-19 врз луѓе

Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ (Pfizer) почнува испитување врз луѓе на евентуалната вакцина против новиот коронавирус.

Компанијата за лекови, заедно со германскиот партнер, врши тестирање врз здрави доброволци, пишува „Њујорк тајмс“. Таа е единствена од неколку компании, која ги забрза обидите да пронајде сигурна, ефикасна вакцина против Ковид-19.

Имено, „Фајзер“ и германската фармацевтска компанија БиоНТех, соопштија дека вчера во САД почнало испитување на нивната вакцина против коронавирусот. Доколку тестирањето биде успешно, вакцината би можела да биде подготвена за употреба уште во септември годинава.

Истражувањето опфаќа 12 доброволци, но ќе биде проширено на 20 учесници.

Двете компании ја развиваат вакцината врз основа на генетски материјал познат како РНК, кој носи упатства за клетките како да создаваат протеини, Со вбризгување на специјално дизајнираниот РНК во телото, вакцината потенцијално би можела да ги информира клетките да направат протеин на коронавирусот, а притоа лицето да не се разболе.

Бидејќи вирусот обично го користи овој протеин како клуч за отклучување и заземање на белодробните клетки, вакцината би можела да го тренира здравиот имунолошки систем како да произведува антитела за борба против инфекција со коронавирусот. Предноста на оваа технологија е во тоа што е брза за производство и има тенденција да биде постабилна од традиционалните вакцини, кои ги користат послабите видови на вирусот.