Фалсификувале лична карта и зеле станбен кредит на туѓо име

Кривична пријава е поднесена против четири лица од Скопје поради фалсификување исправа и измама при добивање кредит.

Минатата година скопјанецот Т. Д. поднел кривична пријава против непознат сторител, како и кривична пријава против Стопанска банка АД Скопје, за кривично дело – “фалсификување исправа“ – лична карта со фотографија од непознато лице, а со податоци на пријавениот Ч.Т., која лична карта била искористена во постапка пред Стопанска банка за одобрување на станбен кредит за првопријавениот. Личната карта била искористена и пред нотар од Скопје.

Во јануари минатата година на барање на Т.Т., четвртопријавениот З.М го пронашол Ч.Т. и го убедил во негово име да подигне кредит од Стопанска банка за потребите на четворицата пријавени. Т.Т. потоа изготвил фалсификувана документација за работен однос за Ч.Т. согласно која тој е вработен во правно лице “БИЗНИС МЕТ КОМЕРЦ“ на кое тој второпријавениот бил сопственик и управител, без регулиран работен однос. Воедно, Т.Т. изготвил и невистинита потврда за исплатени плати и потврда за редовен работен однос, по што пополниле образец барање за потрошувачки кредит на име на Ч.Т. кој заедно со придружната документација го поднеле во Стопанска банка АД Скопје, претходно заверен со потпис и печат од правното лице со ставен архивски број на правното лице. Кон оваа документација приложиле и имотен лист за станбен простор сопственост на оштетениот и негова изјава дека истиот е согласен да биде гарант за предметниот кредит со неговиот имот.

Кредитниот одбор на банката го разгледал барањето и приложената документација и го одобрил станбениот кредит. Ч.Т. потоа со уште едно непознато машко лице, со фалсификувана лична карта со податоци на пријавителот, отишле кај нотар каде бил изготвен нотарски акт. Кон актот била приложена и фалсификувана изјава од оштетениот, која пред нотарот со фалсификуваната лична карта на име на Т.Д. ја потпишало непознатото лице, при што нотарот воспоставил заложно право на станот.

Во февруари минатата година во присуство на Д.К., на Ч.Т. му се исплатени кредитни средства во висина од 19.000 евра во денарска противвредност. Пред банката истите биле чекани од Т.Т., З.М. и уште едно непознато машко лице, каде незаконски стекнатите средства Ч.Т. веднаш му ги предал на Д.К., кој ги поделил со Т.Т., а потоа овој на Ч.Т. и З.М. како награда за добро завршената работа, им дал паричен износ од 250 до 300 евра во денарска противвредност.

Овој месец во населбата Драчево е уапсен Ч.Т., по што на службен разговор е повикан и З.М.

По пријавените Т.Т. и Д.К. се уште се трага.