Фандакова од ГЕРБ повторно градоначалничка на Софија

Кандидатката на бугарската владејачка партија, централно-десничарската ГЕРБ, Јорданка Фандакова за градоначалничка на Софија доби 49,98 отсто од гласовите во вториот круг од локалните избори во Бугарија, според целосно обработените податоци, соопшти Централната изборна комисија на Бугарија.

Тоа е доволен број гласови за нејзин четврти мандат како градоначалник.

Маја Манолова, пак, независната кандидатка која ја поддржаа опозициските социјалисти, освои меѓу 45,13 отсто од гласовите.

Вториот круг од изборите се одржа вчера, бидејќи Фандакова не успеа да обезбеди мнозинство гласови во првиот круг.

ГЕРБ и СДС, покрај Софија, добија градоначалнички места во девет изборни региони, додека кандидатите за градоначалници од Демократска Бугарија победија во девет градски области.

Од поголемите градови, ГЕРБ доби и во Пловдив. Кандидатот Здравко Димитров доби 57,32 отсто од гласовите, додека противкандидатот Славчо Атанасов од ВМРО доби 38,1 отсто.

И во Варна победи кандидатот на ГЕРБ Иван Портних со 60,79 отсто од гласовите, а за неговиот противкандидат Костадин Костадинов гласаа 35,99 отсто.

Во Русе убедливо победи кандидатот на БСП Пенчо Милков со 60,53 отсто од гласовите, а за кандидатот на ГЕРБ, Диана Иванова гласаа 36,63 проценти.

ГЕРБ загуби и во Плевен, каде што независниот кандидат и досегашен градоначалник Георг Спартански победи со 50,6 отсто од гласовите. Нивниот кандидат Мирослав Петров доби 47,24 отсто од гласовите.

Градоначалник на Благоевград ќе биде Румен Томов од БСП, кој доби 56,61 отсто од гласовите, а Атанас Камбитов од ГЕРБ, кој водеше во првиот круг, освои 40,98 проценти.

Досегашниот градоначалник на Пазарџик Тодор Попов од коалицијата „Новото време“, го освои четвртиот по ред мандат со 56,11 отсто. Неговиот опонент Блато Солов доби 41,04 отсто.

Во Велико Трново победи кандидатот на ВМРО Стефан Маглов со 57,34 отсто. За неговиот политички противник од ГЕРБ Николај Милаковски гласаа 41,59 отсто од избирачите.

Минатонеделните локални избори во Бугарија ја потврдија политичката доминација на партијата ГЕРБ, која освои најмногу места во многу поголеми градови, иако поддршката беше помала од пред четири години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.