Фантастичен трансфер на Борко Ристовски – ќе го носи дресот на Рајн Некар

Кога ќе се добие понуда од Германија, тешко некој ја одбива, а ако е уште и од тим кој има амбиции и квалитет сезонава да стане првак, тогаш предизвикот е уште поголем.

Борко Ристовски го паметат по игрите во Гумерзбах, иако тогаш тимот немаше квалитет да се бори за подобар пласман на табелата.

Нашиот репрезентативец подолго време бил “неостварена желба” на Рајн-Некар, како замена за Дарко Станиќ, кој се пресели во катарското првенство и од кого Германците не биле задоволни.

Рајн Некар сезонава атакува на титулата во германското првенство и бараат квалитетен голман кој може да им помогне во остварување на целта. По 14 кола сезонава тимот од Мајнхајм е прв со максимални 26 бода, три повеќе од Фленсбург, но и со натпревар помалку.

Денеска Ристовски треба да го одигра последниот натпревар за Кретеј, против Сесон, по што заминува за Германија.

Македонскиот голман ја потврди веста за трансферот.

Чест и задоволство ми е што после преговорите кои траеја повеке од еден месец конечно сум играч на Рајн-Некар. Среќен сум што одам во клуб кој има шампионски амбиции и кој се бори за шампионската титула во Бундеслигата, меѓутоа и за титулата во ЛШ. Драго ми е што по Кирил Лазаров, јас сум вториот Македонец кој ќе се бори за шампионските титули на сите фронтови. Вечерва го играм последниот натпревар за Кретеј по кој дирекно заминувам за Германија каде што в сабота имам натпревар од Бундеслигата и се надевам дека ќе продолжи победничката серија на мојот нов клуб, изјави за Спортмедиа.мк голманот на македонската ракометна репрезентација.

Ристовски замина во Кретеј минатата сезона, откако тимот влезе во најсилната француска лига и му помогна да го одржи овој статус.

Од почетокот на оваа сезона имаше проблеми со повреди, па ја немаше ниту потребната минутажа, ниту препознатливата форма. Минатата сезона ја заврши со 29,5 проценти одбранети удари и, речиси, осум интервенции по натпревар.