Фараж му понуди изборен пакт на Џонсон

Лидерот на британската Партија за Брегзит, Нејџел Фараж му понуди на британскиот премиер Борис Џонсон „изборен пакт“ доколку земјата излезе од Европска Унија без договор, а во спротивно ќе се соочи со битка за секое пратеничко место на следните избори.

Откако пред повеќе од три години Велика Британија на референдум со 52 отсто од гласовите изгласа Брегзит, излегувањето од ЕУ „виси во воздух“, отворајќи опции од „бурен развод“ од Брисел до мирно излегување или дури и организирање на нов референдум.

Фараж, кој во 2013 година вршеше притисок врз тогашниот премиер Дејвид Камерон да организира ЕУ референдум, изјави дека постојат повеќе од 50 проценти шанси изборите да бидат организирани на есен.

Претходно, британските опозициски партии соопштија дека се договориле заедно да работат во обид да спречат излегување на Велика Британија од Европска Унија без договор, преку законодавна процедура или преку изгласување на недоверба на Владата во Парламентот.

Пратениците следната недела се враќаат од одмор и се подготвуваат за битка против премиерот Борис Џонсон, кој вети излегување на Велика Британија од ЕУ на 31 октомври со или без договор.

Лидерот на лабуристите Џереми Корбин беше домаќин на состанокот со шкотската Национална партија, Либералните демократи, Зелените и Независната група за промени, при што се разговараше за тактика за спречување на Брегзит без договор.

– Присутните се согласија дека е неопходно заедно да дејствуваме и да изнајдеме практични начини за спречување на Брегзит без договор, вклучително и носење на соорветни закони и гласање за недоверба, се наведува во заедничкото соопштение по состанокот.

Корбин пред состанокот истакна дека ќе направи се што е потребно за да спречи Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор. Тој предупреди дека излез од ЕУ без договор ќе ја остави Британија „на милост и немилост на претседателот на САД Доналд Трамп и американските корпорации“.

– Борбата за спречување Брегзит без договор не е борба меѓу оние кои сакаат да ја напуштат ЕУ и оние кои сакаат Британија да остане членка, наведува Корбин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.