Фараж се откажа од изборите, ќе води кампања против договорот на Џонсон

294

Челникот на британската партија Брегзит, Најџел Фараж, нема да се кандидира на предвремените парламентарни избори на 12-ти декември, а наместо тоа ширум земјата ќе води кампања против договорот на премиерот Борис Џонсон за раздружувањето на Обединетото Кралство од Европската унија склучен со Брисел.

„Многу долго размислував за ова: ‘како најдобро ќе му служам на брегзитот? Дали треба да освојам пратеничко место и да се обидам да влезам во парламентот или е подобро да патувам низ Обединетото Кралство и да ги поддржувам 600-те кандидати, па репив дека втората насока е исправната“, изјавил Фараж во неделата за BBC.

Фараж е истакнат противник на ЕУ, а годинава ја основаше партијата Брегзит и лесно освои мнозинство гласови во Велика Британија на изборите за Европскиот парламент кои се одржаа во мај. Претходно ја водеше Партијта за британска независност (UKIP). Заканата дека оваа партија би можела да ѝ преземе гласови на Конзервативната партија беше клучно за уверувањето на тогашниот премиер Дејвид Камерон во 2016 година да распише референдум на кој Велика Британија се одлучи за истапување од ЕУ.

Конзервативците на Џонсон водат според анкетите во пресрет на предвремените избори на 12-ти декември. Меѓутоа, земјата и натаму е остро поделена поради брегзитот, па коментаторите сметаат дека исходот од гласањето е тешко да се предвиди. Гласачите кои се противат на брегзитот се поделени меѓу повеќе партии, додека Џонсон со ториевците има намера да ги привлече приврзаниците на брегзитот.

Партијата на Фараж има меѓу 7 и 13 отсто поддршка, според најновите анкети. Фараж претходно сакаше да го создаде „Сојузот за излегување“, но конзервативците ги отфрлија неговите повици за изборен пакт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.