Фатени уште 5 лица осомничени за подметнување пожари

Во текот на изминатото деноноќие, во периодот од 07.00 часот на 07.08.2021 до 07.00 часот денеска (08.08.2021) во активностите за гаснење и превенирање на пожарите на територијата на Република Македонија, од страна на МВР беа ангажирани околу 583 полициски службеници, реализирани 202 мото-патроли и користени 172 возила.

Деноноќно на терен се и припадниците на сите специјлни единици на полицијата: Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, Единицата за брзо распоредување и Посебната единица за поддршка, кои несебично помагаат во гасење на пожарите.

На (07.08.2021) од страна на полициски службеници биле лишени од слобода три лица, поради основано сомнение дека го предизвикале пожарот за кој во 05.28 часот било пријавено дека настанал над с.Страхојадица, скопско, при што била опожарена сува трева и нискостеблеста шума.

Полициските службеници на местото од каде започнал пожарот затекнале две возила и лица кои се обиделе да избегаат, но биле фатени, а во непосредна близина на возилата биле пронајдени остатоци од стопени кабли. Лицата се приведени и се работи на расчистување на случајот, а пожарот бил локализиран од полициските службеници.

Истиот ден (07.08.2021) во Полициска станица Гази Баба е приведено едно лице, а уште едно само се пријавило, во врска со пожарот кој настанал на ул.„Зендал Џемаил“, на подрачјето на Гази Баба. Со нив е извршен разговор и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

МВР апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар. Неопходна е максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец.