Фатениот на дело како прима поткуп Дончев тврди: Видеото е старо и  од приватен карактер

По неколкудневен молк екс директорот на Фондот за здравствено осигурување поставен од СДСМ, Ден Дончев се огласи по аудио и видео снимките на кои што може да се види и слушне како зема одредена сума пари.

Од аудиото се слуша како доскорешиот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, се фали дека е во постојана комуникација со директорот на финансиското разузнавање Блажо Трендафилов, кој самиот Дончев тврди дека му бил близок пријател на Зоран Заев и затоа го поставил на таа позиција. Во разговорите може да се слушне како Дончев го координира случајот „Рекет 2“, односно да влезат во компанијата „Дијамед“ која пак обвини за рекетирање од власта. За потсетување Вера Иванова, бизнисменката која го продаде „Дијамед“ на шведска фирма со се 20-годишна лиценца за дијализа, пред неколку месеци поднесе кривична пријава против министерот за здравство Венко Филипче и против директорот на Фондот за здравство Ден Дончев. Адвокатот на Иванова тврди дека ја оневозможувале продажбата на странски инвеститор со што предизвикале штета и на бизнисменката и на државата.

Но, наместо објаснување за што и од кого ги зема парите Дончев демантира било каков криминал и вели снимките се нецелосни и вадени од контекст. Во демантот испратен до медиумите Дончев, кој важеше за близок соработник на Заев, за  разговорите од првата снимка поврзани со компанијата „Дијамед“ вели се што имал веќе кажал. А потоа објаснува дека останатите снимки се разговори кои што ги водел во име на пријател кој во тој период бил болен.

„Второ објавената аудио снимка и трето објавената видео снимка се од приватен карактер и не се поврзани со извршување на мојата јавна функција. Како што веќе беше објавено во некои медиуми, станува збор за приватни деловни односи помеѓу мој долгогодишен пријател кој е малцински сопственик во една македонска сателитска компанија и компанија од Србија како мнозински сопственик“, тврди Дончев.

Но, најинтересно е објаснување на Дончев за видеото на кое се гледа како зема купче пари. Без да образложи зошто, од кого и со која цел ги зема парите екс директорот на ФЗО вели тоа е стара приватна снимка.

„Објавената видеоснимка по мое сеќавање е од поодамна и станува збор за снимка од приватен карактер. Секако, останува понатаму Државните институции да си ја вршат својата работа“, се вели во демантот од Дончев.

Ден Дончев си поднесе оставка пред неполн месец, а според тврдењето на Заев тоа било сторено поради наводни здравствени причини. Но, во исто време излезе информација и дека против него се води предистрага за сторен криминал.