FBI верува дека нападот во базата на Флорида е терористички чин

Истражителите на американското Федерално биро за истраги (FBI) сметаат дека е можно нападот што го изврши припадникот на саудиското воено воздухопловство во петокот кога уби три лица и рани уште други осум во маериканската морнаричка база во Пенсакола на Флорида пред да го убие полицијата, да е терористички напад и веруваат дека тој дејствувал сам.

Рејчел Рохас, специјална агентка на FBI од канцеларијата во Џексонвил изјави во неделата дека напаѓачот користел пиштол „Glocк“ кој легално го купил на Флорида. Саудиецот Мухамед ал-Шамрани во САД дошол на летачка обука, а бил застрелан од помошник на шерифот кој пристигнал на местото на нападот, додаде Рохас во изјавата за медиумите.

„Работиме под претпоставка дека станува збор за терористички чин“, рече Рохас истакнувајќи дека во моментов нема информации за постоење некакви нови закани во врска со инцидентот.

„За нас во моментов главната задача е да се открие дали тој дејствувал сам или бил дел од поширока мрежа. Во моментов веруваме дека напаѓачот дејствувал сам, немаше никакви апсења во овој случај“, додаде агентката на FBI.

Американските власти потврдија дека 21-годишниот осомничен бил припадник на Кралските саудиски воздухопловни сили, како и дека во американската морнаричка база бил во рамките на програманта за обука чијашто цел е да се зајакнат врските со странските сојузници.

Саудискиот крал Салман му се јавил на американскиот претседател Доналд Трамп по нападот, изразил сочувство и ветил соработка на неговата земја во истрагата.

Рохас, исто така, потврди дека неколку саудиски студенти биле блиски со напаѓачот, како и дека тие соработуваат со истражителите.