„Фејсбук“ ќе предупредува ако веста што ја споделувате е стара

Нова алатка на „Фејсбук“, која ќе биде лансирана неделава, ќе ги известува корисниците кои сакаат да споделат статија која е објавена пред повеќе од 90 дена, како најнов обид за справување со лажни и погрешни информации.

Предупредувањето нема да ги спречува корисниците да го споделат текстот, туку при притискање на копчето за споделување ќе ги известува колку е стара информацијата и кога е објавена таа статија.

Причината за воведувањето на едно вакво известување е фактот дека статии со одредени информации по одреден период може веќе да не се точни, па со нивното споделување да се добие погрешна претстава за одредена работа.

„Новата политика има за цел да им обезбеди контекст и да ги информира луѓето за тоа што сакаат да го споделат. Во изминатите месеци, нашето внатрешно истражување покажа дека актуелноста на статиите е важен контекст кој им помага на луѓето да решат што ќе читаат, веруваат и споделуваат. И самите медиуми имаат изразувано загриженост за старите вести што се споделуваат на социјални мрежи, зашто тие многу често даваат погрешна слика за актуелни настани“, вели Џон Хегеман, потпретседателот за њуз фид на „Фејсбук“.

„Фејсбук“ постојано беше критикуван за тоа што дозволуваше дезинформациите да остануваат на платформата или што беше пребавен во нивното отстранување. Едно истражување од април покажа дека 41% од дезинформациите за ковид-19 не биле тргнати од платформата, иако самите корисници ги означиле како погрешни.

Компанијата соопшти и дека ќе започне да ги обележува потенцијално штетните објави на својата мрежа, кои, сепак, ќе ги остави заради нивната важност за јавноста. Како што пренесуваат странските агенции, компанијата е под притисок да ја ограничи содржина на својата платформа, вклучувајќи ги и објавите на американскиот претседател Доналд Трамп.

Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг изјави дека компанијата ќе забрани реклами во кои се опишуваат различни групи врз основа на раса и имиграциски статус, како закана, пренесува Би-Би-Си.

Исто така ќе ја отстрани содржината, дури и ако е објавена од политичар, ако процени дека поттикнува насилство или врши притисок врз гласањето.