Федерер сѐ уште без одлука дали ќе се пензионира

Долгогодишниот тренер на Роџер Федерер, Северин Лути навести дека големиот Швајцарец не донел одлука дали ќе ја прекине кариерата по крајот на 2019 година. Шпекулациите околу иднината на Маестро повторно се разгореа по неочекуваната елиминација од Стефанос Циципас во осминафиналето на Австралија Опен.

– Има премногу шпекулации околу него. Тој долго време ги игнорира и нема потреба да ги побива гласините. Но ние не зборуваме за неговото откажување и мислам дека тој самиот се уште не донел таква одлука. За оваа година засега има една вистина – неговата желба да игра на земја, бидејќи дефинитивно тој не сака да прави толку голема пауза меѓу сезоната на цврсти терени и сезоната на трева, рече Лути пред швајцарскиот весник „Ле Матен“.

Тој лично не мисли дека тоа значи дека овогодинешниот „Ролан Гарос“ ќе биде последниот во неговата кариера.

– Се разбира, кога имате 38 години, не можете да гарантирате дека ќе играте уште 3 или 5 сезони. Ако донесеше одлука да заврши кон крајот на сезоната, ќе имаше поинаков тренинг режим, додека сега физичката подготовка со Пјер Паганини не е променета, смета долгогодишниот пријател на Швајцарецот.

Лути потоа го анализираше претставувањето во мечот со Гркот Циципас.

– Секако дека го анализиравме детално неговото претставување во натпреварот со Циципас, кој можеби го изненади премногу со агресивниот стил и преземањето на толку ризици. Не е нормално и да нема ниту еден брејк од 12 можности, ова зборува малку за пасивноста во овие моменти. 19-годишниот Федерер ќе ја играше секоја топка со мислата за винер, но со текот на времето тој стана повнимателен, објасни Лути, кој единствен од екипата на Федерер има дозвола да дава изјави во медиумите.