Фејсбук

Со години наназад, некој од СДСМ повикува на масовни протести за уривање на владата. Од оние времиња на Шекеринска како шеф на партија, па после од времињата кога Заев беше шеф на партија прв пат, па Шекеринска пак како дел од врвот на партијата, па Бранко пред три години, па Бранко пред две години, па Бранко пред година дена… па Заев во овие времиња – втор пат шеф на партија во струмички егзил, и Шекеринска како негов регент сега… повикуваат да се излезе, нормално, масовно да се излезе на улица и да се урне оваа ненародна и диктаторска власт.

Освен она декемвриско собирање пред две години, кога се делуваше од внатре, од Собранието – асистирано со обид за упад од надвор во Парламентот… освен тој случај, на сите повици не им се собираше народ ни колку на дерби МЗТ-Работнички. Море се повикуваа на либанско, па на каирско, после на словенечко, а богами и на украинско сценарио за сенародно делување со пукање и викање за преземање на власта без избори… ама, тапа. Пак на МЗТ-Работнички има народ, а кај нив… парастос мислиш е.

Повикувањето на вакви дејанија вообичаено оди преку Фејсбук. Кај нас Твитер и Гугл плус не заживеаја бидејќи имаат лоши стандарди: кратка комуникација. Овде бре брате човек сака да сеири, ама и да оговара во прво лице. Лично. Може и од лажен Фејсбук-профил. А кога тоа ќе му тргне него ни гола комшика од Фејсбук не го симиња.

Фејсбук има нормален свет, кој е комуникативно и креативно малцинство, и мнозинство пациенти кои во минатото се нарекуваа нереализирани воајери и тупаџии, чија основна комуникациска карактеристика е дека се антипротивни за се. Ако се осврнеме на мнозинството, македонскиот Фејсбук-пациент е одамна профилиран. Се мисли на возрасниот дел од Фејсбук-клиентите. Децата имаат право на игра без граница.

Тоа е маргинална персона, често мрзлива и нерасположена, со пречки и стеги во односот со спротивниот пол. Најчесто како малолетна и во раното детство под силна пресија на мајките, страната одговорна за емоциите, заради кои пресии никогаш не создале слобода ни потреба да гледаат во очи кон соговорникот, да го кажат тоа што го мислат, и да го мислат тоа што го научиле, а не чуле по пат, или прочитале – на Фејсбук.

Е сега, кога овој македонски Фејсбук-клиент ликовите од СДСМ ќе го повикаат да излезе на улица и да се придружи на нивните протести, него го нема. Го нема никако.
Фејсбук-клиентот во принцип функционира се додека не сфати дека од другата страна на екранот има живи, вистински луѓе. Додека се разменуваат муабети, клетви, рецепти, попусти, понуди и поддршки преку куцање на тастатура… што е минимална ментална и физичка активност без никаков ризик по телото и комоцијата… се до таму Фејсбук-пациентот е јак, силен на вилица, паметен, агресивен и радикален.

Е сега некој што, замисли, навистина постои го вика да дојде на улица. Да се видат со тебе очи в очи. Ауууу… Кој ризик да се избламираш и да ги разочараш Фејсбук-фановите и пријателите е тоа, човече. Таман си спакувал суперхерој слика за себе што ти ја поддржале повеќе луѓе отколку што ти во животот имаш воопшто и сретнато, бараат да го симнеш профилот позади кој се криеш, и за нивни ќеф да табанаш по сокаци. Не, бе…

Е, од тие профили Шекеринска, регентот на Заев, очекува преврат во државава.
Нема време она за посериозни планови. Седната под хауба додека и се дрви ладната трајна, замислена за нова шопинг акција над рекламите на Шанел, Ланвин, Прада, Луј Витон или Макс Мара… прво што и текнува е да се пушти Фејсбук-статус за протести, да се накити со квалифакации: диктатура, ненародна власт, олигархија, фамилија, медиумски слуги, беда… да се постави на Фејсбук-профил, да се бустира на максимум и – да се чека да ти ја предадат власта на сребрен послужавник. После е лесно.

Видела она дека тоа функционирало по арапскиот свет. Плус и во Украина, каде онаа милионерката, плавушата со ѓеврекот на глава, даваше налози и од затвор. Арно ама, не бива така. Видовме како заврши тоа во Либија, во Каиро… и во Украина гледаме.

Плус, баш денеска проверив, СДСМ на својот Фејсбук-профил има 35.000 следбеници, лајкови со Фејсбук-поддршка. За споредба, ВМРО ги има 70.000. Па си мислам, ако е точно тоа што го тврдат пред секои избори, дека имале 80.000 членови, излегува дека ни нивните членови не им даваат поддршка. Дури ни на Фејсбук.

Немаат ни програма. Штеделе, па програмата за овие избори им е книгата што ја издаваа за програма пет избори наназад, по ред. Да не се фрла, и онака никој не ја чита.
Пробаа, лани, да одат од врата до врата ама не им отварале, мислеле дека се старо купуем или, во најотмена варијанта – Јеховини сведоци.

Но, паметните меѓу нив и во овој распад гледаат можност и интерес. Имено, бројот на членски карти на СДСМ се намалил до таа мерка, што сега се сметаат за историска вредност, раритет кој се продава на тезги покрај статуите на Тито, партизанските капи, собраните дела на Крсте Црвенковски и ордените од Советскиот Сојуз.

Бидејќи никој не им навраќа на Бихаќка би можеле штабот да го издаваат на студенти. Претежно струмички, како награда за лепење плакати низ Струмица за локалните избори.

Но, тие сепак нема да пристапат кон тој профитен чекор од кој на Хари Костов би можеле да му враќаат дел од кредитот, бидејќи зградата им е, патем, под хипотека. А хипотеката ќе им ја ослободел кога ќе победат на избори, што не им успева. Па, кога деновиве ќе видите редици луѓе пред штабот на СДСМ на Бихаќка, да знаете дека се тоа редови на ликови кои дошле да се запишат во книгата на жалост. Заради поразот.

ОК, ако не може Хари Костов да им даде дозвола зградата на Бихаќка да ја пренаменат во студентски дом за заслужната струмичката младина, нека им дозволи да отворат нешто постручно: санаториум за одвикнување од власт. Тоа би било профитно.

За тој вид стручен третман би имале прилично пациенти, како меѓу своите така и меѓу нивните пријатели. Љубчо Георгиевски би им доаѓал тајно, маскиран во Илинка Митрева, а би плаќал дупло. Ем затоа што неговиот префинет вкус за уживање бара посебни услови и третман, ем затоа што е милионер, ем затоа што е странец, па мораш во секое време да му држиш на лагер бугарски книги и весници, и бугарски за преведувачи.

Мислам дека, со сериозна физибилити студија, Хари Костов би им ја прифатил оваа идеја и би им дозволил како носител на хипотеката да ја трансформираат штапската зграда на СДСМ во санаториум за одвикнување од власт.

Како дел од програмата за третман меѓу пациентите смее да се читаат само весниците на Геро, да се гледа само пумпашката телевизија, пристап само до интернет-порталите на Сорос и ако некој не е послушен, како казна, да биде натеран петнаесет минути да ме гледа мене на дневник во Сител. По таа траума, се ќе му биде прифатливо.

Значи, ако СДСМ успее да реализира некој од овие деловни потфати, меѓу себе и за свои цели и интереси, може да се очекува дека стекнатите позитивни навики од новите искуства ќе резултираат во нов поглед на политиката, светот и гласачите, како такви.

За тоа време, нивните Фејсбук-профили, како и партискиот профил кој има помалку фанови отколку што партијата има членови, ќе бидат во мирување. Една од тајните зошто нема Фејсбук-протести по нивните Фејсбук-повици, е во тоа што кај нас секоја година има избори, па не мора избори да се бараат по улици. Има дури ни кога СДСМ не ги бара.

Во меѓувреме, Шекеринска не ни мора да излегува и да се замара со изборна кампања. Просто, нека му се обраќа на народот преку Фејсбук-статуси: паметно, со странцизми и реченици кои немаат врска помеѓу почетокот и крајот, одговорно и со план за секоја криза во државата. Ако може Биљана Ванковска, понесена од Фејсбук-лајкови да излезе на претседателска кандидатура, и дури потоа да утврди дека 2.000 лајкови не вредат ни 20 потписи зад кандидатурата… може и Шекеринска да верува дека избори се добиваат на Фејсбук, а мандатите се трошат во париски бутици.

Што би рекле на Фејсбук – не те можам бе, па тоа ти е 🙂

Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер