Пикерот на македонскиот ракометен шампион ЖРК Вардар СЦБТ, Шпанката Бегоња Фернандез не го криеше задоволството од тоа што ќе остане уште една година во „црвено – црниот“ дрес.
„Се чувствувам одлично бидејќи ја засакав оваа земја и овој град. Македонскиот шампион е клуб составен од големи ракометни имиња, но мислам дека тоа што е најдобро во Вардар СЦБТ е позитивната атмосфера меѓу ракометарките во екипата. Се чувствувам привилегирано што сум дел од еден ваков тим. Среќна сум што ќе настапувам уште една сезона со овие ракометарки и се надевам дека ќе помогнам да освоиме многу титули”, изјави Фернандез.
Во врска со очекувањата од престојниот натпревар против Савехоф, кој што е решавачки за пласманот на вардарки на завршниот турнир, таа изјави дека очекува со победа да се верификува пласманот во Будимпешта.
“Мечот ќе биде тежок од психолошки аспект, но ние сме фаворити и одиме на победа. Мора да го дадеме максимумот и да не дозволиме да се случи изненедување”, додаде Фернандез.