Фестивалот „Охридско лето“ стартува на 4 август

„Охридско лето” е единствен бисер на културата, а не фестивал „Гранд” – ова е одговорот на музичкиот селектор Даница Стојанова на новинарско прашање на Tв 24 како „паднал” изборот макар и во драфт верзија на фестивалската програма да настапи српскиот пејач Жељко Јоксимовиќ чиј музички жанр се разликува од досегашниот избор на уметници кои години наназад беа дел од фестивалот.

Но и покрај тоа што во документот кој излезе во јавноста, а предизвика бурни реaкции стоеше името на пејачот, Стојанова тврди дека тој настап воопшто не бил во план и нема да се одржи.

Но, директорката на фестивалот Наташа Поповиќ потврди дека сепак се правеле преговори за Јоксимовиќ да настапи во офф програмата заедно со симфонискиот оркестар од Белград.

Раководството на фестивалот истражува  и кој ја пушти во јавност програмската драфт верзија, но детали рече Поповиќ ќе соопшти во септември.

Инаку овогодинешното 60 то јубилејно издание на фестивалот ќе стартува на 4 ти, а ќе заврши на 30 ти август. Низ 26 те денови ќе настапат 300 уметници од 19 земји, а звезда на вечерта ќе биде оперската примадона Ана Липша Тофовиќ.

Настапите на уметниците ќе се одржуваат на Античкиот театар, предворјето на Св.Софија и Долни Сарај под строги здравствени протоколи. Ограничен број на гости, задолжително носење маска, физичка дистанца и постојана дезинфекција.На влез ќе се мери и температура на гостите, а постојано ќе се контролира и растојанието меѓу публиката.