Фестивалот со слоганот „Без мажи“ е прогласен за дискриминаторски

Шведскиот фестивал Statement/Стејтмент под мотото „Без мажи“ е прогласен за дискриминаторски од страна на јавниот правобранител на Шведска.

Тој нагласи дека настанот ги прекршува шведските антидискриминациски закони и дека „настанот обесхрабрува одредена група луѓе да дојдат и да го посетат“.

Организаторите на настанот, во соопштението на Фејсбук, велат дека се „премногу зафатени со менување на светот” за да одговорат.

Успехот на фестивалот „Стејтмент“ го покажува токму она што ни треба и пресудата на омбудсманот не ни значи ништо, стои во соопштението.

Правобранителот сепак истакнува дека правилото „без мажи” не било на дело спроведено на годинешниот фестивал и дека „посетителите на влезот не биле делени врз основа на полот”, така што парични казни нема да има.

Организаторите на дводневниот фестивал во најавата за неговото одржување наведуваат дека тоа е „прв музички фестивал за жени, родово неопределени лица и трансексуалци“.