Фетаи го повлече обвинението за Сами Љута во случајот „Монструм“, тројца гони за тероризам и двајца за помагање

Обвинителката Фатиме Фетаи во завршниот збор за случајот „Монструм“, покрај тоа што ги отфрли шпекулациите кои со години кружеа во јавноста за петкратното убиство, ги откри и аномалиите од претходниот судски процес за случајот, односно поби дел од доказите кои тогаш ги приложило обвинителството, а тогашниот судечки совет ги прифатил.

Таа потенцираше дека не е утврдено кој од извршителите со кое оружје пукал.

-Факт е дека петкратното убиство било извршено со три огнени оружја, но не е утврдено и кој од извршителите со какво оружје пукал и дали некој не пукал, туку држел само стража. Спорно е и да обвинителството и судот го прифатат ова како докажан факт, истакна обвинителката Фетаи.

Таа појасни дека обвинителството, кое претходно постапувало, заклучило дека Алил Демири пукал со пиштол според еден разговор добиен преку посебни истражни мерки.

-Во дел од разговорот Демири вели дека јадел батак и бил многу мрсен и го оставил до пола, а се споменува и буре кое било фрлено во канал, а обвинителството протолкувало дека тоа е оружјето. Ова не е доказ, истакна обвинителката, која сепак додаде дека иако не е утврдено кој со кое оружје пукал, сепак тоа не е пречка дека извршителите треба да одговараат.

Фетаи се осврна на исказите кои еден од обвинетите, Хаки Азири, ги дал за време на истрагата, а според кои требаше да стане и заштитен сведок, но тој подоцна се предомисли и стана обвинет.

-Хаки Азири за време на истрагата во детали раскажува што се случило, каде ги возел дел од обвинетите, како Демири му кажува „направивме гомнарија, убивме човек“, а сето тоа се поклопува со доказите обезбедени подоцна од обвинителството, истакна Фетаи, додавајќи дека Азири самиот на прашање од судот дали е присилен да сведочи, тогаш одговорил дека нема никаков притисок или закани, и дека сака да ја каже вистината бидејќи сознанијата кои ги имал го мачеле и ослабел 20 килограми.

Но набрзо по ова сведочење тој се предомислува и вели дека се што кажал е под присилба, по што и самиот стана обвинет.

-Умислата на помагачот треба да има умисла и свест за сите битни обележја на делата. Хаки Азири знаел дека Агим Исмаиловиќ и Алил Демири требало да направат нешто, односно дека имале нерасчистени сметки и дека тој треба да ги чека со возило. И откако со возилото ги земал дознал дека извршиле убиство. За него има дејствија за помагање, но откако дознал за кривичното дело, истакна Фетаи.

По ова таа направи прецизирање на диспозитивот на обвинителниот акт.

Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ ги обвини за извршување на петкратното убиство, односно за делото тероризам, а Хаки Азири дека им помогнал. Фејзи Азири пак е обвинет дека им помогнал на извршителите да избегаат.

-Фејзи Азири пак знаел дека сториле убиства, тероризам, но и покрај тоа организирал бегство на сторителите од Македонија во Косово, истакна Фетаи.

За обвинетиот Сами Љута пак обвинителката кажа дека обвинението е повлечено, поради што, како што рече, очекува судот да донесе ослободителна пресуда.

-Од моментот кога го зедовме предметот беше јасно дека нема докази за Љута, а истото се покажа и во текот на судењето, истакна Фетаи.

Во 2014 година сите обвинети беа осудени на доживотна казна затвор, а единствено ослободителна пресуда тогаш доби обвинетиот Сејди Рами, која потоцна ја потврди и Апелациониот суд.

Осудителната пресуда беше поништена од Врховниот суд, а случајот го презеде СЈО, по што процесот стартуваше од почеток.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.