Фетаи побара притвор за Груевски

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи побара притвор за експремиерот Никола Груевски затоа што постојано доцни на рочиштата.

Груевски, кој е првообвинет во случајот „Насилство во Центар“, на денешното рочиште доцнеше 15 минути. Поради тоа, обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, побара притвор за него или, пак, како што рече, обвинетиот  да се донесе во Судот со полиција.

Според член 380 став 3 од Законот за кривична постапка, треба да биде приведен, ова не е во ред, рече Фетаи.

На денешното рочиште за „Насилство во Центар“ сведочат двајца советници од СДСМ. Обвинети во случајот се и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, и уште девет лица. На претходните судења вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.

Обвинетите се товарат за поттикнување насилство, кое се случи при протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.