Фетаи во завршните зборови за „Монструм“ истакнува дека нема ниту докази ниту индиции за поврзаност на Вељаноски со случајот

Повторното судење за „Монструм“ влезе во својата завршница, а обвинителката Фатиме Фетаи, која како дел од поранешното СЈО го презеде случајот со своите колеги, денеска во Основниот кривичен суд ги започна завршните зборови.

Уште на почетокот, рече таа, мора да го расчисти патот и да ги побие разните теории кои ги наметнувала одбраната и кои се појавуваа во разни медиуми во врска со петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012.

Пред да започне, како што наведе, со „расчистувањето на патот“, обвинителката порача дека станува збор за предмет каков не сака ниту таа ниту кој друг обвинител во иднина да се повтори и да работи.

Теории

Првата теорија, која рече дека ја отфрла, е за еден од клучните докази – возилото „опел омега“.

„Една од верзиите што кружеше во јавноста, а беше и една од целните точки на одбраната, е дека предметното возило ѝ припаѓало на единицата ‘Алфа’, што секако остава простор за размислување како подметнување на еден од клучните докази“, рече Фетаи.

Меѓутоа, таа теорија обвинителката ја побиваше прво, осврнувајќи се со сведочење на лице осудено за измама кое зборувало дека кога било уапсено, со истото возило било возено во полициска станица. Таквото сведочење, според неа, нема поткрепа.

„Наводно, знаел дека токму тоа е возилото затоа што на телевизија видел дека возилото е од иста, вишна боја. Не се сеќавал ниту на табличките, само знаел дека биле скопски“, зборуваше Фетаи побивајќи го сведочењето.

Таа понатаму потсети на исказ на еден од обвинетите, Хаки Азири, кој кажал дека во истиот автомобил се возеле дел од обвинетите вечерта кога се случи петкратното убиство во 2012, како и дека била најдена ДНК на друг обвинет и оти вештачењето покажало дека возилото било кај Смилковско Езеро.

„Ќе заклучам и со апсурдноста, се случувало и во далеку поразвиени земји да се наместат докази, но досега не се случило некој да намести предмет како доказ кој тој самиот го поседува притоа имајќи предвид какви ресурси има полицијата“, рече Фетаи.

Трагите на местото на настанот, локвите крв, чаурите, но и отсуството на траги од облеката и на тревата дека имало влечење на телата, според Фетаи, ја побиваат и теоријата што се наметнувала дека убиствата биле направени на друго место, а телата потоа биле преместени.

Загрозениот сведок постои, продолжи обвинителката, и тој се сретнал со четворицата обвинители од СЈО кои го презедоа предметот, како и судијата претседател на Судскиот совет. Неговиот исказ, вели Фетаи, имаше одредени нејаснотии, празнини и контрадикторности, кои немаше да ги има ако сведокот бил поучен од некого како да зборува.

Уште една теорија што Фетаи ја побиваше во завршниот збор е за поврзаноста на поранешниот спикер Трајко Вељаноски со овој случај.

„Се лиферуваа и информации дека децата биле во блиски контакти со синот и ќерката на Трајко Велјаноски со кои имале честа дружба и наводно тоа е причината тие да бидат ликвидирани. За вакво нешто до овој момент ниту беше предложен каков било доказ ниту произлегоа какви било индиции дека убиените деца се познавале со деца на висок функционер, уште помалку дека имало некакви долгови“, реле Фетаи.

Тука таа потсети и на сведочењето на премиерот Зоран Заев кој кажа: „Ако ме прашате дали имам какви било докази за инволвираност, не поседувам, ниту сум видел ниту пред мене се појавиле какви било докази, освен писанија во медиумите од квазиновинари.“

Нејзините завршните зборови се во тек.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири. Другите двајца обвинети се во бегство во Косово од каде до сега никако да ги екстрадира. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење кое сега влезе во завршна фаза.