Фетаи за „Шамарите во Центар“: Не сум задоволна од видот и одмерувањето на казните

Обвинителката Фатиме Фетаи најави дека ќе поднесе жалба за пресудата во случајот „Шамарите во Центар“ бидејќи не е задоволна од видот и одмерувањето на казната. Во случајот таа бараше затворски казни за шест од седум обвинети и условна за само еден обвинет, додека судијата Душан Јосифов одлучи затворска казна да добие само Никола Груевски, а останатите, вклучително и Миле Јанакиески, да се осудат условно.

-Задоволна сум од делот со кој е утврдена кривична одговорност на оние обвинети за кои обвинителството остана на своето обвинение. Тоа исклучиво зависи од умешноста на јавниот обвинител надвор од разумно сомневање да ги докаже кривичните дела и дејствијата што им се ставаат на товар на обвинетите. Тоа нешто обвинителството го направи. Незадоволна сум од делот за изборот на видот и одмерувањето на висината на кривичната санкција, но тоа е дел од постапката, кој не зависи од јавниот обвинител, туку од начинот на кој судот ги оценува отежнувачките и олеснителните околности кои постојат на страна на секој од обвинетите. Секако дека за кривичните санкции ќе има жалба од наша страна заради тоа што сметам дека судот ги преценил олеснителните околности кои стојат на страна на обвинетите на сметка на отежнувачките – изјави Фетаи.

И пред медиумите таа уште еднаш објаснуваше зошто го повлече обвинението против Даниела Рангелова, која беше дел од обвинението како советничка во Општина Центар во 2013 година односно во периодот кога беа насилните протести.

Ова обвинение, рече Фетаи, е поднесено по скратена постапка, што значи дека било засновано на исказите на оштетените бидејќи во скратена постапка обвинителот нема обврска да ги испитува обвинетите.

-Во тој момент исказите на оштетените упатуваа на тоа дека и Даниела Рангелова има преземено дејствија со кои ги исполнила битието на кривичното дело. Но во главната расправа двете страни ги спротивставуваат аргументите, постои можност секоја страна да ги испрашува сведоците на другата страна, и во тоа постои можност да се смени целата слика односно да се добијат детали за дејствијата преземени на секој од обвинетите. Бидејќи доказите упатија на друга слика во однос на Рангелова, се откажавме од обвинението – рече Фетаи.

Фетаи вели дека и СЈО и кое да е друго обвинителство својата работа ја завршува во судница кога ќе докаже дали се сторени кривичните дела. Понатаму, топката е во други раце.

-Што ќе се случи понатаму, дали некој ќе влезе во затвор, дали ќе се донесе некаков друг закон кој ќе претставува пречка за некој да издржува законска казна, дали некој ќе побегне, дали некој нема да презема дејствија за да го спречи тоа бегство, тоа не зависи од јавното обвинителство – рече Фетаи.

Жалба до Апелацискиот суд во Скопје, покрај најавената од обвинителството, ќе поднесе и одбраната на Миле Јанакиески, кој доби условна казна од 1 година затвор, која нема да се изврши ако во наредните четири години не стори ново кривично дело.

-Со оглед дека Миле Јанакиески е прогласен за виновен, а одбраната бараше да биде ослободен, секако дека не сме задоволни и ќе ги преземеме сите законски дејствија во понатамошниот тек кога ќе ја добиеме пресудата во писмена форма со целото нејзино образложение. Верувам дека 100 проценти ќе ја обжалам пресуда. Иако сето ова го зборувам без да направам консултација со мојот клиент, но сметам дека и неговата заложба е да докаже дека овде не е виновен и не ги презел дејствијата што му се ставаат на товар. Тоа би значело дека најверојатно ќе пишуваме жалба – изјави неговиот адвокат Еленко Миланов.

Токму кога Апелација ќе се произнесе за жалбите, пресудата за „Шамарите во Центар“ ќе стане правосилна. Апелација може да ја потврди, да ја преиначи или да ја укине пресудата и да го врати случајот на повторно судење.