Фетел подобар од Хамилтон на „Силверстоун“

Актуелниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон не успеа да ја одбрани пол позицијата на Силверстон и остана зад победникот на Големата награда на Велика Британија, Себастијан Фетел кој триумфираше во спектакуларна завршница и максимално користејќи ги перформансите на своите меки гуми.

Трката на Силверстоун беше феноменална и возбудлива, започнувајќи од самиот старт, па се до последните 10-тина круга во кои се водеше жестока битка за првото, второто и третото место.

Германецот стартуваше најдобро и ја поведде трката, а вториот пилот на „Ферари“, Кими Раиконен удри во задниот дел на „мерцедесот“ на Хамилтон, кој падна на 18 позиција, но за само 10 круга се врати и стигна до шестото место. Раиконен во меѓувреме мораше да одработи казна од 10 секунди во боксот, додека Фетел го презема водството пред Ботас. Меѓу првите шест секако беа и возачите на Ред Бул, но сепак менувањето во распоредот прстигна во последните 20 круга кога на двапати имаше „сејфти кар“ на патеката. Тоа го искористи Хамилтон за да дојде до третото место пред рестартот, додека двајцата возачи на „Ферари“ влегоа во боксот за да стават меки гуми.„Мерцедес“ не ги повика своите возачи да ги заменат пневматиците, што го искористија возачите на „Ферари“ за во финишот од трката да атакуваат.

Пред вториот рестарт на 10 круга пред крајот, водството го имаше Ботас, пред Фетел, Хамилтон, Ферстапен и Раиконен, а во истите видовме неверојатна битка. Фетел со маестрален маневар го престигна Ботас кој очигледно ги истроши своите медиум гуми, а потоа беше престинат и од Хамилтон и Раиконен кои на крајот се изборија за место на пидесталот. Четврти на крајот заврши Ботас кој ги издржа последните напади од Рикиардо, додека на неколку круга пред крајот, Ферстапен се откажа поради своја грешка.

За Себастијан Фетел ова беше 51. победа во кариерата со која се изедначи со легендата Алан Прост.
Фетел останува лидер во генералниот пласман со 171 поени, осум повеќе од Хамилтон. Далеку на третата позиција со 116 поени е Раиконен.