Февруари – месец на ирански и руски филм во Кинотеката на Македонија

48

Кинотеката на Македонија за програмата во февруари најави филмски наслови од различни кинематографии и од различни жанрови, како и омажи на домашни автори и актери кои ја задолжија македонската кинематографија.

  • Тоа се драматургот и филмски сценарист Горан Стефановски, режисерот Љубиша Георгиевски, и актерите Мите Грозданов и Љупка Џундева. Не ја забораваме ниту филмска музика како важен сегмент од филмската продукција, па ќе се дружиме и со д-р Александар Трајковски на промоцијата на неговата книга „Музиката во македонскиот филм: од ’Фросина’ до ’Лазар’“, соопшти Кинотеката.

  • Февруари ќе биде и месец на иранскиот и рускиот филм. Иранската кинематографија ќе биде претставена со шест наслови. На делата на старите мајстори Абас Кијаростами и Маџид Маџиди се надоврзуваат нивните наследници според сензибилитетот за социјална драма, информира Кинотеката.

Речиси цел иден месец во програмата „Руска зима: месец на класичен и современ руски филм“ Кинотеката ќе прикажува филмови од класичната руска кинематографија на автори како Сергеј Ајзенштајн, Андреј Тарковски, младиот Никита Михалков, Елем Климов, Лариса Шепитко и Емил Лотеану.

Дваесет и петте наслови од ризницата на „Мосфилм“, една од најстарите и најголеми филмски компании во Русија и Европа, се единствена можност и најпребирливите филмски естети да ја задоволат „гладта“ за убавина, наведува Кинотеката во најавата за филмската програма за февруари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.