ФФМ: Благодарност до нашите навивачи, нашата репрезентација, селекторот и стручниот штаб, прекрасна фудбалска вечер

Фудбалската федерација на Македонија се огласи по вчерашниот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Англија (1:1) и им се заблагодари на навивачите и поддржувачите на македонската репрезентација.

-Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини пред натпреварот најави дека сите ќе имаат можност да видат каква е репрезентацијата на Македонија и какви се нашите навивачи. Беше во право, тоа беше вечер со која сите можеме да се гордееме! Горди сме што за мечот Македонија – Англија беше продадена и последната достапна влезница, што покажува дека Федерацијата правилно ја утврди цената на билетите. Исклучително сме среќни што прекрасната фудбалска вечер помина без ниту еден сериозен инцидент. Ние тврдевме дека Македонија може да биде земја без расизам, национализам, дискриминација, вербално и физичко насилство на стадионот, а тоа го потврдивте со вашето однесување на Националната арена „Тодор Проески“. Ви благодараме, велат од ФФМ.

Од Федерацијата додаваат дека колку им значат полните трибини, нашите репрезентативци покажале со одличен настап и важен резултат, а во своите изјави ја истакнаа важноста на навивачите.

-Фудбалската федерација на Македонија им се заблагодарува на Министерството за внатрешни работи и на сите институции за сработеното пред, за време и по натпреварот. ФФМ доби максимална поддршка натпреварот да помине без безбедносни проблеми. Благодариме на секој поединец што придонесе да биде таков, се вели во објавата на ФФМ.

Фото: ФФМ

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.