ФФМ: Благодарност за достоинственото испраќање на Милошевски

Фудбалската федерација на Македонија и семејството Милошевски упатуваат благодарност до сите вклучени организации и институции кои беа на располагање и го дадоа својот максимум при организирањето на испраќањето на Петар Милошевски кон својот вечен дом.

Голема благодарност до Македонска Православна Црква, Министерството за Внатрешни Работи, Министерство за Здравство, Агенцијата за Млади и Спорт, гробишта Бутел, до Неуромедика, Т.А. Цонка Бус, Гала кетеринг, Горска, Еуроимпекс, Т.А. Тото, Сити Хал и сите останати кои несебично се ставија на располагање во овие тешки моменти.

Особена благодарност до медиумите што останаа доследни на желбите и барањата на семејството и не го попречија достоинственото испраќање на нашата фудбалска легенда.

Соопштението е објавено во целост:

“Во овие тешки моменти за федерацијата и воопшто за македонскиот фудбал, Фудбалската федерација на Македонија би сакала да ја изрази својата голема благодарност до Господин Господин Стефан, Македонската Православна Црква, Министерството за внатрешни Работи, Министерство за здравство, Агенцијата за млади и спорт, гробишта Бутел, Неуромедика, Т.А. Цонка Бус, Гала кетеринг, Горска, Еуроимпекс, Т.А. Тото, Сити Хал, сите спортски федерации и фудбалски клубови, како и меѓународните фудбалски федерации за пружената помош и поддршка при испраќањето на нашиот единствен Петар Милошевски во неговиот вечен дом.

Со вашата несебична помош, во моментите на неизмерна тага и болка, успеавме достоинствено да го испратиме нашиот Петар и да му ја оддадеме почитта која тој ја заслужува. Македонија загуби голем спортски работник и надарен голман, но пред се голем човек, чесен и правичен, човек кој несебично се жртвуваше и сакаше да им помага на луѓето, христијанин во вистинска смисла на зборот.

Петар Милошевски ќе остане запаметен по тоа што постојано се обидуваше да помогне во подобрувањето на условите за работа на фудбалерите во нашата репрезентација. Беше човек за пример, од кого ретко можеше да излезе негативен збор. Имаше почит и разбирање за секој, постојано ширејќи ја својата позитивна енергија.

За жал, прерано замина, имаше уште многу да даде за спортот во Македонија, уште многу совети да им подели на идните голмани што во него гледаа пример за тоа како треба да се работи за да се успее во модерниот фудбал.

Петар Милошевски, до последен момент остана доследен на своите принципи, висока моралност и спортски фер плеј, и како таков ќе го помниме. Почивај во мир, легендо!”