ФФМ донираше 13.800 фудбалски топки на клубовите од сите натпреварувања

Фудбалската федерација на Македонија им донира вкупно 13.800 фудбалски топки (FIFA QUALITY PRO “IMS – International Match Standard”) на клубовите од сите категории од натпреварувањата во рамки на Првата лига, Втората лига, Третите лиги, младински конкуренции, Женска фудбалска лига, футсалците и Национални тимови.

– Со новата акција наменета за клубовите од МФЛ и нашите национални тимови, Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија ја потврдува важноста за поддршка на сите клубови во сите конкуренции од натпреварувањата организирани од ФФМ. Ќе се обидеме и во иднина да им ја дадеме целосната поддршка и помош на клубовите кои придонесуваат за развој на фудбалот во Македонија, истакна Муамед Сејдини – претседател на Фудбалската федерација на Македонија.

За 12 клубови од Првата македонска фудбалски лига се распределуваат 600 фудбалски топки (Triton – FIFA), a 16 клубови од Втората лига ќе добијат вкупно 640 фудбалски топки.

Осумнаесет клубови од Женската лига (Прва и Втора) ќе добијат 560 фудбалски топки (Reposta).

Точно 7.040 фудбалски топки (Mission IMS) се наменети за клубовите од Трета лига, лигите организирани од Општинските фудбалски Сојузи и младинските конкуренции.

Eкипите од ФФМ Детска лига ќе добијат вкупно 3.000 фудбалски топки. 200 топки се наменети за тимовите од Прва и Втора футсал лига. Останатите ќе бидат на располагање за сите наши Национални тимови.

Фудбалските топки произведени по највисоките стандарди на ФИФА се со дизајн на ФФМ.