ФФМ: МТВ и „Арена Спорт“ ќе ја пренесуваат македонската прва фудбалска лига

Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) во новата сезона ќе се емитува на ТВ-екраните. Јавниот национален сервис МТВ и „Арена Спорт“ ги имаат правата, а договорот на страните го потврдија и од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Првиот човек на мак-фудбалот Мухамед Сејдини истакна дека клубовите и ФФМ успеале во намерата да ги продадат правата, а сега мора сите заедно да работат за подобрување на условите.

„Би сакал јавно да се заблагодарам на јавниот сервис за договорот што го направивме за продажба на ТВ-правата. Вие, како клубови, сте главниот столб на оваа Федерација. Ние постоиме да сме ваш јавен сервис. Сега сите заедно треба да работиме се да биде уште подобро и понатаму. Вратата на Федерацијата е отворена за сите што сакаат да помогнат“, изјави претседателот Сејдини.

Збор имаше и генералниот секретар Филип Поповски, кој истакна дека не било лесен процес да се договори и да се пласира македонската лига на ТВ.

„Не беше едноставен процес за да се пласира македонската лига на ТВ. Но, нашите обврски не застануваат тука. Ние како Федерација и вие како клубови треба да работиме заедно за да биде подобро. Мора да ги подобриме сите услови и критериуми што се потребни, за кога ќе заврши овој договор да имаме нов“, изјави Поповски.

Во понеделник клубовите ќе добијат предлог-договор, според кој ќе мора да обезбедат услови за безбедност при пренесување на натпревар, како и сите потребни услови за транспортните возила и слично. Натпреварите на јавниот сервис ќе се емитуваат на македонски јазик, додека за „Арена Спорт“, се ќе зависи од ТВ-куќата дали ќе прифати такво нешто.