ФФМ најдобра федерација, Игор Ангеловски тренер на годината, Горан Пандев спортист на годината, фудбалската селекција најдобар национален тим за 2020 година

Фудбалската федерација на Македонија е најуспешна федерација на Македонија за 2020 година, селекторот на фудбалската репрезентација, Игор Ангеловски е најдобар тренер на Македонија за 2020 година а Фудбалската репрезентација на Македонија е наградена за најдобар национален спортски тим за 2020 година, во изборот на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортови на Македонија кој вечерва се одржа во А1 арената во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

„Оваа 2020 година сите посакувавме што побрзо да заврши заради пандемијата. Но, за нас беше најуспешна година и горди сме што ќе бидеме на Европско првенство. Наша обврска е да ги овозможиме сите услови за сите стручни штабови и сите фудбалери за да дојдат до успеси. Но, не застануваме тука. Овој успех е обврска да продолжиме уште повеќе преку стратешки и проектен пристап за подобрување на сите фудбалски услови“ истакна генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.

„Оваа награда ми претставува огромна чест и задоволство, затоа што успеавме да стигнеме до историски успех кој сите го чекавме 30 години. Затоа искажувам огромна благодарност до фудбалерите преводени од нашиот капитен Горан Пандев со кои напорно работевме пет години да дојдеме до овој успех и не направија среќни и горди. Голема благодарност и до мојата сопруга Тања и моите три деца кои се мој огромен мотив и огромна поддршка. Се надевам дека во иднина ќе се радуваме на уште поголеми успеси“ – истакна селекторот Ангеловски.

Горан Пандев понесе уште едно големо признание во кариерата и од Агенцијата за Млади и Спорт (АМС) очекувано е прогласен за најдобар спортист на изминатата календерска година во Македонија.

„Жал ми е што не можам да бидам присутен оваа прекрасна вечер, па морам преку видео да се заблагодарам на сите за оваа награда, за сите што гласаа за мене и за АМС. Мислам дека за оваа награда најзаслужни се сите во репрезентацијата почнувајќи од селекторот, моите колеги, лекарите, масерите, економите… Изградивме едно семејство, направивме успех кој многу генерации го посакуваа и сонуваа. Го остваривме сонот на сите. Оваа награда е поттик за понатаму и ми дава поголема верба во себе да продолжам со успех да го носам репрезентативниот дрес, бидејќи дресот на Македонија за мене е светост“, изјави Пандев.