Фицо: Сите треба да ги слушнат пораките на претседателот Иванов

Дискусијата беше интересна и сите лидери на Европската унија треба да слушнат што зборуваше македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Ова го порача на заедничката прес –  конференција словачкиот премиер Роберт Фицо, по завршувањето на Самитот на земјите од Вишеградската група доцна синоќа во Прага.

Словачкиот премиер додаде дека некои лидери на ЕУ немаат допир со реалноста.

Претседателот Иванов истакна дека Македонија не бега од обврските во однос на бегалската и мигрантската криза, но дека истовремено за да го носи тој товар бара  гаранција од ЕУ за политичка, безбедносна и економска поддршка.

Бараме и очекуваме решение од Европскиот совет во кое Грција ќе има удел, немаме никаков интерес целиот товар да падне на Грција, но нема да дозволиме да се реализираат еднострани решенија што ќе бидат на наша штета, изјави претседателот Иванов на прес-конфренцијата.

Еден од заклучоците на Самитот беше дека шенген-зоната мора подобро да се обезбеди и дека ЕУ мора да направи многу повеќе за заштита на границите на Македонија и Бугарија.

Чешкиот премиер, Богуслав Соботка, кој имаше прилично остар настап, порача дека некои европски лидери направија огромни грешки во справувањето со мигрантската криза.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.