ФИФА го казнува Еквадор поради навивачите

Светската фудбалска асоцијација ФИФА отвори дисциплинска постапка против Еквадор поради навредливите песни на навивачите на оваа селекција во текот на натпреварот со Катар на отворањето на Светското првенство.

Од ФИФА не прецизираа за кои навивачки песни и навреди станува збор, додавајќи дека постапката се покренува во согласност со членот 13 од Дисциплинскиот правилник кој казнува „навредување на достоинството или интегритетот на држава, личност или група со упатување непријателски, дискриминирачки и навредливи зборови“.

Некои медиуми, пренесувајќи ја информацијата, наведуваат дека еквадорските навувачи во текот на дуелот со домашната селекција во кој нивните миленици беа супериорни и го добија со 2:0 скандирале дека сакаат пиво.

Само два дена пред почетокот на првенството, организаторите на инсистирање на катарското кралско семејство ал-Тани објавија целосна забрана за продажба на алкохол околу стадионите.

Пивото првично требаше да се продава на одредени локации околу стадионите, пред и по натпреварите, како дел од договорот вреден 83 милиони долари со „AB InBev“, матичната компанија на „Budweiser“.

Ова е првата казнена мерка на Светското првенство во Катар коешто започна во неделата, а ќе заврши на 18-ти декември.