ФИФА го суспендира Рубиалес три години

Дисциплинската комисија на ФИФА го суспендираше поранешниот претседател на Шпанската фудбалска федерација Луис Рубиалес од сите должности на три години. За време на суспензијата, тој не смее да врши никаква функција во национални или меѓународни фудбалски тела.

Причина за суспензијата е сексистичкиот скандал на финалето на Светското првенство за жени. Да потсетиме, сето тоа се случи за време на доделувањето на златните медали на Шпанките, кога Рубиалес против нејзина волја ја бакна фудбалерката Џени Хермосо.

Хермосо, инаку фудбалска легенда, подоцна за време на пренос во живо на Инстаграм изјави дека не и се допаднал потегот на Рубиалес.

Но, претседателот не застана тука. За време на прославата во соблекувалната ја прегрна Хермосо и рече: „Јас и ти ќе се венчаме на Ибица“.

Хермосо поднесе официјална жалба до обвинителството против Рубиалес, кој потоа под голем притисок од јавноста поднесе оставка од сите негови функции.

Во Мадрид е во тек посебно судење. Рубиалес ги отфрли наводите за сексуална злоупотреба и принуда што ги покрена Хермосо против него. Обвинителот побара од судијата да му забрани на Рубиалес да и се доближува на фудбалеркат поблиску од 500 метри, што беше прифатено.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.