Филаделфија 76ерс и Њу Џерси Девилс, сепак, се откажаа од намалувањето на платите

Групацијата сопственици на кошаркарската НБА екипа Филаделфија 76ерс и на хокеарскиот НХЛ тим Њу Џерси Девилс, сепак, се откажаа од планот за намалување на платите на играчите поради пандемијата од коронавирусот, откако оваа намера не наиде на одобрување.

И додека лигите НБА и НХЛ ги прекинаа на неодреден период натпреварувањата сезонава поради незапирливото ширење на коронавирусот, компанијата „Harris Blitzer Sports and Entertainment“ во понеделникот најави намалување на платите од 20 отсто за сите вработени во двата споменати клуба. Стануваше збор за привремена мерка со којашто се сакаше да се зачуваат околу 1.500 вработени платени по сатница во текот на целата сезона. Планот требаше да стапи на сила на 15-ти април и да трае до 30-ти јуни.

Меѓутоа, одлуката за намалување на платите предизвика многу критики, и интерни во клубовите и на социјалните мрежи, на коишто се изнесени нето годишните плати на сопствениците, меѓу другите и на сопственикот на Сиксерс, Џош Харис.

Ѕвездата на Филаделфија 76ерс, Џоел Ембид, во вторникот објави дека ќе донира 500.000 долари за платите на вработените во клубот, кои се погодени со кризата од коронавирусот, како и за здравствените работници во Филаделфија.

„Нашиот ангажман се состои од тоа да дејствуваме најдобро, колку што е во нашата моќ, за нашите вработени да може да продолжат да работат во оваа изразено тешка ситуација. Откако ги сослушавме нашиот персонал и нашите играчи, јасно е дека тоа не беше добра идеја. Се повлекуваме и ќе им ги исплатиме на нашите вработени платите во целост“, изјави Џош Харис.