Филе: Опозицијата да се врати во Собранието

Партиските се ставени пред националниот интерес и бараме и очекуваме Владата и опозицијата во Македонија да бидат одговорни, политичката дебата примарно да ја одвиваат во парламентот и да придонесат за креирање услови за функционирање. Ова го порача еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, на неговиот настап пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), каде ги претстави најновите извештаи за напредок на земјите-кандидати и аспиранти за членство во Европската унија.

Во однос на извештајот за нашата земја, кој содржи нова, шеста по ред препорака за започнување на пристапните преговори, Филе рече дека е факт оти пристапниот процес кон Европската унија е во ќор-сокак за земјата. Тој истакна дека Брисел е загрижен за враќањето назад на земјата во клучни области за реформи оваа година.

– Потребно е да се превземат одлучувачки чекори за решавање на прашањето за името со Грција. Процесот во рамки на Обединетите нации за решавање на ова прашање трае 19 години. Еврокомисијата ја продолжува својата препорака за да се отворат пристапните преговори, бидејќи преку високата посветеност, земјата ги исполнува потребните политички услови, посочи Филе. Сепак, комесарот побара од Скопје да превземе реформски акции, со цел Еврокомисијата да ја задржи препораката и во иднина.

Според Филе, акција е потребна за посветување на македонската држава за загриженоста на Унијата за политизацијата во однос на независноста на судството и слободата на изразување.

– Партиските се ставени пред националнниот интерес, па бараме и очекуваме Владата и опозицијата во земјата да бидат одговорни, политичката дебата примарно да се одвива во парламентот и да придонесе за креирање услови за функционирање. Преку Пристапниот дијалог на високо ниво, ние ќе го продолжиме процесот со Македонија за остварување на сите потребни ЕУ-реформи и земјата да остане посветена на истите, заклучи Филе.

Говорејќи генерално за процесот на проширување за време на неговиот комесарски мандат од пет години, кој завршува на крајот на овој месец и тој ќе биде заменет со Австриецот Јоханес Хан, Филе истакна дека освен борбата со заморот за проширување, тој имал за противник и друг феномен, а тоа е заморот од реформи. Чешкито политичар посочи пред европратениците дека тој се обидел да биде креативен, да поставиме специјална структура за посветеноста на земјите-кандидат, како што се Пристапните дијалози на високо ниво.

– Една од пораките до мојот наследник е не само најдобро да ги искористи истите, туку да биде повеќе присутен во регионот и да стави поголем фокус во помошта кон земјите-кандидати. Лесно е да се каже дека има европска перспектива и потоа да се остави земјата и целиот регион на некаков процес за да испорачаат резултати. Луѓето таму не сакаат промени за десет или за пет години, туку утре или задрутре, порача Филе.

Според првиот човек за проширување на ЕУ, тој се надева дека оваа негова порака ќе биде коректно разбрана кај властите во овие земји и дека тие ќе испорачаат не само реформи, туку и ќе го задржат целиот дијалог како инклузивен процес. Затоа, како што посочи, во денешните прогрес-извештаи, посочени се јасни цели за одговорностите и на владите и на опозициите во земјите-кандидати за членство и дека политичкиот дијалог треба да се задржи во демократските институции.

Филе истакна и дека пред пет години, тој тргнал да го зајакне кредибилитетот и трансформативната моќ на политиката на проширување со посебен акцент на три столба: владеење на правото, економско управување и реформи во јавната администрација, како и зајакнување на демократските институции. Денес, овој пристап според него вродил со плод оти процесот е веродостоена и носи конкретни резултати преку реформи.

– Кога говорев за кредибилноста, тоа не е базирано на некаков бирократски процес или ние да ги лажеме кандидатските земји, па и земјите-членки. Кредибилност е можна само во процесот на проширување, кога прво во центарот ќе се постават фундаментите и вредностите, како и принципите врз кои почива нашата организација, а тоа е владеењето на правото, правосудството и фундаменталните слободи. Прашања што станаа поважни за време на мојот мандат. Никогаш не заборавив за кого работам, а работев за земјите-членки, работев за вас во Европскио парламент. Но, ми дадовте мандат да направам напори за да осигурам процесот да продолжи и никогаш не бранев нешто друго, освен основните принципи и владеењето на правото на ЕУ, рече Филе.

Она што може да радува е настапот на новиот известувач за Република Македонија од Европарламентот, Иво Вајгл кој при поставувањето на своето прашање не нарекуваше цело време Македонија, за разлика од неговиот прехтодник Ричард Ховит кој ја употребуваше целосната референца од Обединетите нации.

– Очигледно е дека главен проблем на Македонија, која ќе ја нарекувам така оти мојата земја ја има така признаено, прашањето за името креира атмосфера околу идниот европски проспект на оваа земја. Земјата заслужува подобар третман и жалам што морам да потврдам дека она што го има во извештајот за напредокот, а тоа е што сите жалиме што не се отворени преговорите со оваа земја и тоа е причина зошто политичкиот стриминг во земјата не секогаш оди во посакувана насока за земја што има европски амбиции. Говорам за правосудството, третманот на медиумите и за политичката култура во Собранието и некои иритирачки прашања за историјата или псевдоисторијата што е постојано на масата. Треба многу да се стори во иднина, истакна Словенецот Вајгл.

Препораката за преговори, шеста по ред за Македонија, ја поздрави и поранешниот известувач на ЕП за нашата земја, Ховит, додека Словакот Едвард Кукан побара политичките групи во Европарламентот да испратат пораки до сите политички партии кај земјите-кандидати за да се овозможи демократските институции да функционираат и да се води конструктивен политички дијалог.

Во однос на останатите аспирантски земји за членство во ЕУ, Филе посочи дека на Црна Гора и е потребна итна акција за справување со главните предизвици, како владеењето на правото и засилување на јавната администрација. За Србија, еврокомесарот рече дека треба да остане на реформската агенда и да работи на целосна нормализација на односите со Косово. Како земја која преговара за членство, тој рече дека Србија има одговорности и можности, а покажала висока посветеност и професионализам во првата фаза од преговорите.

– Сега, Белград треба да испорача реформски приоритети. Да продолжат со преговори и земјата може да смета на наша поддршка во тоа, додека ЕУ покажа кога поплавите се случија дека ние стоиме зад земјата во сите услови, посочи комесарот за проширување во заминување.

Албанија, која во јуни доби статус на земја-кандидат, Филе порача дека е земја на која и е потребна политичка волја да оди напред во исполнување на ЕУ-реформите, пред се во борбата со организираниот криминал. Според него, потребен е резултат во остварување на понатамошните реформи, посветеност на реформите во областите како владеење на правото и реформи на јавната администрација, при што тоа треба да се направи целосно транспарентно и на политички инклузивен манир.

Филе беше најкритичен за Босна и Херцеговина, посочувајќи дека оваа држава имала уште една година на целосно лимитиран прогрес, недостаток на политичко движење што не ги изразува желбите на граѓаните за реформи на патот на земјата кон Унијата. Тој порача дека само со нов политички поттик, БиХ ќе излезе од застојот во евроинтеграциите.

Договорот за стабилизација и асоцијација со Косово во јули е важен чекор во односите на ЕУ со оваа нова држава, рече комесарот, порачувајќи им на граѓаните на Косово да го продолжат дијалогот со Србија. А, за Турција, тој исткана дека оваа земја превзела бројни позитивни чекори изминатата година, како што е адресирање на курдското прашање и демократизацискиот пакет за 2013 година, но дека се потребни уште реформи, кои според него ќе се обезбедат ако продолжат преговорите на Унијата со Турција со отворање на поглавјата 23 и 24.

– Дојде крајот на мојот последен говор за проширување, како најсилен политички инструмент на ЕУ за надворешна политика. Има поголема конкурентност на нашите граници, потребни се реформи и стабилност во таа област, што може само проширувањето да го даде. Поддршка на Хан како мој наследник и постојано ги повикувам шефовите на државите и владите на земјите-членки да најдеме начин како да им помогнеме на земјите-членки, но и на кандидатите од друга страна, за да се решат отворените прашања. Никогаш не сум ја објаснил мојата политика како успешна или не, се приклучив на ЕК со визија да се направи проширувањето врвна надворешна политика, да се донесат во ЕУ земји кои би биле одговорни од првиот ден како членки без потреби од мисии за верификација. Дали сум среќен да ја видам оваа мешана слика по завршувањето на мојот петгодишен мандат? Да, одговори на крајот Филе, кој побара сите во Брисел да си го постават прашањето за тоа дали Унијата можела нешто повеќе да стори во однос на процесот за проширување.