Филхармонијата со 30 концерти ќе го прослави 75 роденден во новата сезона

„Моја бесмртна љубов“ е мотото на Филхармонија во претстојната сезона со кое ќе одбележи 75 години постоење. Ќе бидат изведени 30 концерти на кои ќе настапат истакнати домашни и странски музичари и диригенти.

Он-лајн може да се купат блок влезници за целата сезона по цена од 9. 000 денари до 15 септември, а потоа ќе се купуваат по 10 илјади денари, велат од Филхармонијата.

Во сезоната 2019/2020 ќе се одбележат повеќе јубилеи, меѓу кои 60 години од раѓањето на композиторот Гоце Коларовски, 85 години од раѓањето на Томислав Зогравски и 200 години од раѓањето на германскиот композитор Бетовен. Негово дело ќе биде изведено на отворањето на сезоната, на 26 септември, заедно со музичката поема „ Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус.

„На концертот ќе настапи, на наше задоволство и на задоволство на филхармоничарите, Александар Мелников, големиот руски пијанист, кој ќе го изведе Клавирскиот концерт бр.1 од Бетовен“, рече Виктор Илиески- директор на Филхармонијата.

„Покрај тоа што оваа година ќе го чествуваме Бетовен, ќе обрнеме внимание и на двајца македонски композитори, кои што се многу значајни во развојот на македонската симфониска музика. Тоа се Томислав Зографски и пред тоа ќе го одбележиме јубилејот на прерано починатиот Гоце Коларовски“, изјави Роза Нолчева- ПР во Филхармонија.

Холандската пејачка Шерон Ковач, позната по хитот „Љубов моја“ (My Love), за кој беше снимен и спот со Метју Меконахи и Скарлет Јохансон, ќе настапи со Филхармонијата во Скопје.

Концертот на 29-годишната Ковач е закажан за 2 април 2020.

„Ковач е пејачка со темен и сиров вокал, во кој можат да се насетат влијанијата на Били Холидеј, Нина Симон и Ејми Вајнхаус. Нејзиниот сингл ‘Љубов моја’ беше инстант хит во Европа, а деби албумот ‘Нијанси на црно’ од 2015 година беше меѓу десетте најпродавани во Германија и на прво место во Холандија“, велат од Филхармонијата.