„Филип Морис Интернешнал“ има претседател на Бордот на директори

Актуелниот главен извршен директор на тутунски гигант „Филип Морис Интернешнал“ (ФМИ), Андре Каланцопулос е назначен за претседател на Бордот на директори на компанијата.

Како што соопшти денеска ФМИ, Каланцопулос ќе стапи на новата должност непосредно пред годишното Собрание на акционери на компанијата во мај 2021 година, наследувајќи го Луис Камилери, кој се повлече од функцијата од лични причини. До преземањето на новата должност од страна на Каланцопулос, привремен претседател Бордот на директори на ФМИ ќе биде независниот директор во компанијата Лусио Ното.

Наследник, пак, на Каланцопулос на сегашната функција главен извршен директор ќе биде Јацек Олцак. Олцак од јануари 2018 е главен оперативен директор на ФМИ, а пред насначувањето на оваа должност, од август 2012 година беше главен финансиски директор на компанијата.

„Филип Морис“ нагласува дека овие смени ветуваат „непречена транзиција и континуитет на лидерството“ на компанијата.

– Овие тројца лидери, Камилери, Каланцопулос и Олцак имаат блиска соработка откако ФМИ стана независна компанија. Тие делат единствена стратешка визија и под нивно комбинирано водство, ФМИ забележа значајни достигнувања, вклучително и нејзината деловна трансформација и неспорното лидерство во категоријата на производи без чад, се додава во соопштението.

Во исто време, Одборот на директори на ФМИ за свој нов член го номинираше францускиот бизнисмен и претседател на „СофтБанк Груп Интернешнал“, Мишел Комбс.

Комбс е поранешен извршен директор и член на Одборот на директори на „Спринт“, некогашен извршен директор на „Водафон Европа“, „Алкател-Лусент“ и „Алтис“ и екс-претседател и извршен директор на групата СФР. Претходно, тој извршувал повеќе функции во француските министерства, во „Франс телеком“ и во „Теледифузија на Франција“ (ТДФ).