Филип Рикер пред утрешните средби во Скопје ја посети Битола

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Филип Рикер е во дводневна посета на земјава. Денеска ја посети Битола, каде што имаше средба со градоначалничката, Наташа Петровска, по посетата на Грција. По средбата немаше изјави, туку само соопштение.

Рикер не пропуштил на Македонски јазик да каже дека му било мило што е во Битола. Рикер бил придружуван од новата американска амбасадорка во земјава Кејт Брнс. На средбата, како што се наведува во соопштението од општина Битола, било разговарано за актуелната состојба во општината и во земјава.

„Битола е градот кој има стратешка позиција и во економскиот и во политичкиот живот во земјава“, рекол Рикер на средбата.

Градоначалничката Петровска посочи на идната соработка и се заблагодари на поддршката која градот Битола ја добива од страна на САД.

Во отсуство на официјални изјави од средбата, не се исклучува можноста Рикер да се сретнал со Петровска за да се информира за случајот ,,Рекет“, откако премиерот неодамна на пратеничко прашања ја спомна општината Битола каде биле побарани одредени услуги од лица инволивирани во случајот „Рекет“.

Рикер и амбасадорката Брнс денеска беа и во посета на општина Кавадарци, каде што имаа средба со градоначалникот Митко Јанчев. Утре во Скопје, Рикер ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев, како и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, со пратеници и со претставници на опозицијата.

Централни теми ќе бидат билатералните прашања и патот на Северна Македонија кон членство во НАТО и ЕУ, но и последните случувања околу статусот на СЈО и корупцијата.

Пред посетата на земјава, тој во Атина и во Солун имаше средби со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, со други владини претставници, со поранешниот премиер Алексис Ципрас, како и со заменикот министер за внатрешни работи на Грција, надлежен за Македонија и Тракија, Теодорос Караоглу. На средбата Рикер – Дендиас било разговарано за зајакнување на билатералните односи преку стратегискиот дијалог САД – Грција, како и регионалните случувања. На средбата Ципрас – Рикер, било потенцирано дека Грција мора да ја задржи својата улога како основен столб на стабилноста во Источниот Медитеран и на Балканот.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.