Филипче ги посети повредените, дел од нив раскажуваат за ужасот низ кој поминале

Министерот за здравство Венко Филипче, во живо од Лесковац за 1ТВ изјави дека штотуку го завршил состанокот со директорот на болницата во Лесковац, Небојша Димитријевиќ, кој детално го информирал за состојбата на повредените македонски државјани.

Филипче потсети дека во болницата во Лесковац моментално се сместени 8 пациенти и ниеден од нив не е во животна опасност. Сепак, остануваат на опсервација додека не се подготвени за транспорт – шестмина од нив веројатно уште 2 или 3 дена, а останите од 5 дена до една недела поради посериозни повреди.

Директорот на лесковачката болница, Небојша Димитријевиќ, во изјава за 1ТВ информира дека според последните информации, пациентите што се во неговата болница не се во животна опасност, но остануваат на опсервација. Тој најави дека нивната состојба ја следат хирурзи, ортопед и анестезиолог, како и дека дел од нив ќе бидат оперирани доколку не престане крварењето. Според Димитријевиќ, дел од пациентите што се во болницата во Лесковац, можеби веќе утре или задутре ќе бидат пратени во болница во Скопје, а другите сепак ќе останат на опсервација, но веројатно уште 5 дена.

Според сведоштвата на дел од полесно повредените, глетката била страшна. Речиси сите спиеле и многу малку виделе.

Една жена раскажува дека некој ѝ помогнал, но и тој бил повреден, со скршени ребра, а сега бил шиен на повеќе места. Друг повреден пред камерата на 1ТВ изјави дека спиел во моментите пред несреќата.

Автобусот почна да оди од лево на десно и се излизга. Наеднаш се превртел и излетал. Што можевме помогнавме. Додека раните беа топли и тазе, не чувствувавме болка, но набрзо почнаа болките. Многу луѓе беа повредени, вели еден од повредените.

Бев како во кома, шокирана. Кога дојдов во болница, ми течеше крв од носот, главата ме боли. Имаше многу луѓе потиснати и внатре и надвор. И под столици и под автобусот. Беше страшно, се потсетува една жена што исто така е полесно повредена.

Што можевме помогнавме. Речиси на ништо не се сеќавам. Имаше едно бебе и едно дете, но колку што знам и двете се добри, раскажува еден млад човек кој се потсетува дека се обидел да им помогне на сопатниците во автобусот.

Пред камерата на 1ТВ, во гостувањето во Дневникот во 20 часот, министерот Филипче информира и дека посериозно повредените шестмина се во Нишката болница, а најави дека ќе ги посети и нив и дека во болницата ќе се сретне со директорот.

14 луѓе се сместени во хотел, бидејќи се полесно повредени и веќе се подготвени за транспорт.

Министерот Филипче им се заблагодари на на директорот на болницата во Лесковац и на градоначалникот.

Реагирале многу професионално и тоа во многу тешки услови – со кал, снег, многу ниски температури, рече Филипче за 1ТВ.

Министерот за здравство не сакаше да зборува за причините за несреќата, бидејќи како што кажа, во Лесковац дошол за да ја провери состојбата на повредените македонски државјани.

Инаку, претходно, во вонредните вести на 1ТВ во 18:15 часот, гостин во вестите беше Драги Рашковски, генералниот секретар на македонската влада. Тој зборуваше од пред хотелот каде што се сместени патниците што биле полесно повредени.

Биле вкупно 14, но некои веќе заминале дома, па сега се тука 10 луѓе. Веќе се организира нивни превоз. Некои се враќаат дома во Македонија, а некои одлучија дека ќе го продолжат патот за Виена, изјави Рашковски.

Тој се сретнал со повредените што се сместени во хотел и изјави дека најпотребна им била здравствена заштита и основни средства за хигиена.

Сите имаат повреди во горниот дел од телото. Не се сеќаваат на несреќата затоа што спиеле. Што се случило, памтат само еден или двајца, но не сакам да шпекулираме, изјави Рашковски.

Според информациите од него, утре ќе има официјално соопштение од српско Министерство за внатрешни работи, од каде имаат своја верзија за несреќата.

Сите информации за трагичната автобуска несреќа кај Лесковац погледнете ја во видеото.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.