Филипче: На млада девојка и е згмечена ногата, можна е ампутација

Министерот за здравство, Венко Филипче, по денешната посета на повредените во трагичната автобуска несреќа, изјави дека ќе се изврши хируршка интервенција на млада девојка која е хоспитализирана на КАРИЛ. Како што рече министерот, нејзината нога е тешко повредена и постои можноста да и биде ампутирана.

Се одлучува како ќе се продолжи третманот, ногата е згмечена и постои можност да и биде ампутирана. Конзилијум од доктри одлучува што ќе се прави – рече Филипче

Четворица од пациентите хоспитализирани на скопските клиники се во тешка состојба, а двајца се вклучени на респираторни машини. Имаат повреди на главата, но во моментов, рече Филипче, не е потребна хируршка интервенција. Другите повреди се на градниот кош и на стомакот. Во Клиничкиот центар се наоѓаат осум пациенти, од кои четворица се на Клиниката за анестезија, еден на Трауматологија, еден на Неврохирургија, трудницата на Клиниката за гинекологија е во добра состојба, а еден е хоспитализиран на Торакална хирургија.

Во Градската општа болница „8 Септември“ се наоѓаат 28 пациенти, а шест пациенти ќе бидат пуштени на домашно лекување.

Синоќа бил извршен оперативен зафат на 14-годишно момче и на 40-годишник. Како што информираше директорот, Христијан Костов, интервенцијата им била извршена откако било констатирано дека нивната состојба е влошена поради губење крв.

Кај оперираното момче беше утврдена повреда на црниот дроб, сега тоа е санирано, додека кај 40-годишниот пациент повреда на тенкото црево, по што е направена ресекција. Тие се сега на сопствено дишење и нивната состојба е сосема добра. Двајца од пациентите овде се на респиратор уште првиот момент на пристигнување, имаат доминантна повреда на мозокот и коските на лицето. Кај едниот има и контузија на белите дробови. И двајцата се политрауматизирани, едниот е во доста лоша состојба, но времето ќе покаже. За сега интервенција не е потребна – рече Костов и додаде дека во моментов нема потреба од нови залихи на крв.