Филипче најавува медициска опрема за 2019, парите од ребалансот за 2018 за оваа намена ќе пропаднат

Министерот за здравство, Венко Филипче скоро цела година откако е министер може да се види главно на настани и со информации за донации. Тешко или ретко, пак, да информира, или да биде на настан каде министерството за здравство финансирало во опрема. Имаше информации и за набавка на медицинска опрема, како онаа на Институтот за радиологија, но средствата беа на јавната здравстена установа, а не од министерството. Со сопствени пари во октомври имаше информација дека е набавен нов апарат за компјутеризирана томографија, анализира здравство.мк.

За тоа дека не е набавена никаква опрема од министерството за здравство говорат и податоците од Електронскиот систем за јавни набавки.

Дополнително во ребалансот се предвидени 91 милион денари за медицинска опрема за јавните здравствени установи. Ова се средства од самиот Буџет. Во вкупниот дел од ребалансот пак, каде што влегуваат и средства од донации и други финансии се предвидени околу 212 милиони денари. Во основниот Буџет за 2018 година стратно беа предвидени околу 221 милион денари. Медицински апарти од пари на министерството за здравство годинава нема.  Оттука се поставува прашањето дали и средствата од ребалансот за 2018 година ќе пропаднат зошто останува околу месец дена за набавка, а истата не е ни на повидок. Во меѓувреме пак Филипче за следната година најавува набавка на медицинска опрема.

Министерот за здравство, Филипче неодамна во интервју за „Макфакс“ одговара на прашања поврзани за донациите од фирмите и инвестициите од страна на самото министерство.

Одговарајќи на прашањето дека донациите се еден од најочигледно најприменуваните начини за да се добие нова опрема и нови ресурси, Филипче одговара „има општествено одговорни фирми и мислам дека е сосема коректно да одделуваат одреден дел од средствата за да се зајакне јавното здравство“.

И на тоа дека впечатокот е оти вложуваат други отколку што вложува државата во здравствениот систем, Филипче вели дека има одреден буџет за секоја следна година и оти има огромен број на трошоци и дека „се планираат секогаш сериозни, големи набавки со кои што значи дека сериозно ќе се зајакне системот на јавно здравство“.