Филипче се пишмани за промената на полот на државна сметка, но не се откажува од српскиот хирург

Министерството за здравство на чело со Венко Филипче се пишмани- промена на пол нема да биде на државна сметка во јавни здравствени установи со пари од Фондот за здравствено осигурување.

По бурните и бројни реакции во јавноста дека не може да се даваат пари за промена на пол, додека болни деца чекаат за лекување во странство, министерот Филипче се повлече од изјавата дадена вчера.

Имаше многу реакции вчера во јавноста и тоа беше причината зошто ретериравме… Ние сме демократи и по реакциите во јавноста за одлуката државата да плаќа операции за промена на полот ретериравме, вели Филипче.

Српскиот хирург  Мирослав Ѓорѓевиќ,  кого во четвртокот македонскиот министер за здравство Венко Филипче го претстави како човекот кој ќе ги врши оперативните зафати за промена на полот за кои ќе плаќаат сите македонски даночни обврзници, нема да оперира промена на пол, носепак ќе доаѓа на Детска хирургија за вродени аномалии кај деца.

Голем број деца за овие интеррвенции ги праќавме во странство, сега ќе доаѓа кај нас и овде ќе ги прави овие интервенции кај децата, вели Филипче.

И додека сите критики беа насочени кон првиот човек во здравството дека наместо за суштински работи ќе троши пари за интервенции за промена на пол, немаше реакција од ниту една невладина организација или здружение кои постојано зборуваа за загрозување на правата на маргинализираните групи. Некои од нив и не биле запознаени со темата.

Прашајте стручни групи кои знаат за тоа, јас не сум запознаена и не знам да ви кажам, вели Елизабета Божиновска од ХЕРА.

Од градоначалници, пејачи, глумци, политичари – социјалните мрежи беа преполни со коментари дека е недозволиво да има промена на пол на државна сметка и тоа во услови кога родители бараат 10.000 евра за нивното дете да биде спасено со операција во Турција и да може да оди на училиште, или, пак, друг пациент кој има потреба од лекување во Русија.

Критики за изјавата на Филипче имаше и од власта и од опозицијата.

 „Правото на живот е поголемо и поважно од се друго. Промена на полот, не со пари на граѓаните“, наведе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.

„Прави со сопствениот живот што сакаш, сакај и менувај пол, лична одлука, но не на државна а уште помалку на моја сметка!, напиша на фејсбук првиот човек на Куманово“, Максим Димитриевски.

 

Како и во други случаи на изјави и обиди за спроведување неко свои идеи од претставниците на актуелната власт, ниту еден ден не опстои идејата полот да се менува на државна сметка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.