Филипче: Бројот на нови случаи на ковид-19 расте во регионот

Кризата со коронавирусот во последните десетина дена ескалираше секаде, на Балканот, во регионот расте бројот на заболени, во Србија има преку 300 случаи на ден, Бугарија преку 150, Хрватска 86, Албанија 70, Косово преку 100 случаи на ден, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Тој вели дека според Светската здравствена организација 60 отсто од случаите, од вкупно 10 милиони заболени во светот, се регистрирани во јуни.

„Кај нас новиот бран дојде нешто порано, односно рано го детектиравме. Денешната бројка на заболени останува да видиме дали е варијација или тренд. Тоа е уште една потврда дека вирусот е тука и ќе остане очигледно подолго време, а ние мора да бидеме подготвени“, рече Филипче.

Според него, зголемувањето на бројката на новозаразени е последица на попуштањето на мерките и додаде дека проекциите оти вирусот во текот на летото ќе исчезне не се остварија.