Филипче го осуди нападот врз лекарот на Токсикологија: Насилството не е решение

Министерот за здравство, Венко Филипче, го осуди насилството врз лекарот од Клиниката за токсикологија во Скопје.

Филипче на Фејсбук порача дека нема оправдување за насилство и ги повика институциите соодветно да го санкционираат сторителот.

-Денеска физички беше нападнат колега, лекар на Клиниката за токсикологија. Најостро го осудувам овој чин, нема оправдување за насилство. За жал, ова не е прв ваков инцидент, лекарите често се изложени на вербални и физички напади. Да не заборавиме дека овие луѓе се грижат за нашите блиски и спасуваат човечки животи. Насилството не е решение и не смее да биде. Ги повикувам институциите целосно да го истражат случајот и соодветно да санкционираат – стои во реакцијата на Филипче.

На Клиниката за токсикологија попладне бил нападнат лекар, кој се здобил со повреда на окото, неколку хематоми и расекотини.