Филипче контра ВМРО-ДПМНЕ: На Геријатрија се преземени сите мерки

Од овој кластер, досега се детектирани 17 позитивни случаи, од кои 2 пациенти со потешка клиничка слика се префрлени на Инфективната клиника

Министерството за здравство реагира на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема контрола врз појавата на коронавирус во  Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје. Од Министерството велат дека по појавата на случаи во оваа установа,  веднаш е постапено согласно со протоколите за изолирање на болните од останатите пациенти и спроведување на епидемиолошка анкета на вработени за спречување на ширење на инфекцијата.

„Веднаш  е спроведен скрининг на вработените од одделението и детектирани се 3 вработени позитивни на ковид-19 кои веднаш се исклучени од работниот процес и пријавен е случајот во Центарот за јавно здравје-Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Од овој кластер, до сега се детектирани 17 позитивни пациенти, од кои 2 пациенти кои се со потешка клиничка слика и транспортирани се на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, додека 3 се асимтоматски и префлени се за лекување во новиот ковид-19 центар во рамки на болницата Козле. Останатите позитивни пациенти од ова одделение остануваат на лекување во установата. Целокупниот стручен колегиум и медицински персонал е од установата е интензивно вклучен во спроведување на протоколите и засилен мониторинг за да се спречи евентуално ширење на инфекцијата. Извршен е вонреден инспекциски надзор, наодите се обработуваат по што јавноста ќе биде дополнително информирана“, стои во соопштението на Министерството за здравство.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат има извршено вонредни контроли и надзори за состојбата и почитување на протоколите во сите 29 приватни и 5 јавни геријатриски установи во однос на количините на лична заштитна опрема, употребата на ЛЗО од страна на вработените, средства за дезинфекција, изврши и вонредна дезинфекција на овие установи, велат од Министерството.

Оттаму посочуваат дека за да се заштити оваа ранлива група на пациенти бил спроведен и скрининг на вработените и пациентите/ корисници на здравствени услуги во сите јавни и приватни геронтолошки установи.