Филипче: Не добивме од вакцините од Бугарија и од Грција, тие добиле помалку од очекуваното

Сите вакцини што ќе ги донесеме во земјава ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни, а согласно планот за дистрибуција ќе биде направен и планот за апликација, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

– Целиот овој изминат период интензивно комуницираме со компанијата „Фајзер“ поради тоа што во овој момент таа е единствената компанија што ги има добиено потребните дозволи за итна употреба на нејзината вакцина од двете најзначајни регулаторни тела, а тоа се Американската агенција за лекови (ФДИ) и од Европската агенција за лекови (ЕМА) – додаде Филипче.

Тој нагласи дека веќе се резервирани дозите за земјава и се очекува првите количества да пристигнат идниот месец.

– Истовремено во изминатите неколку денови добивме информација од КОВАКС системот дека и тие вакцини ќе стигнат во февруари. Можно е некои од земјите со кои разговараме, а тоа се Австрија, Бугарија, Полска и Грција најконкретно да одделат некоја количина од своите, но јасно ни укажуваат на тоа дека главен проблем и зошто тоа досега не беше направено, како еден најавен механизам од страна на Европската комисија на солидарност не само со нашата земја, туку и со другите држави што не се членки на ЕУ, е во количината што ја добиле. Значи, значајно помала, некаде десетина од планираната за нивните земји – посочи Филипче, одговарајќи за новинарски прашања по промопредавањето на донацијата од СЗО на Институтот за судска медицина.

Тој додаде дека согласно планот на компанијата „Фајзер“ и со зголемувањето на нивното, но и производството на другите компании што се дел од КОВАКС системот, верува дека по февруари дистрибуцијата на вакцини ќе биде процес што насекаде ќе започне со значајна динамика.

– Вакцините треба да пристигнат. Потребни се многу подготовки кои треба да се случат Имаме работа со позната методологија, која е безбедна и ефективна. Вакцината прво ќе ја примат приоритетните групи. Согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во земјава и на Владата тоа ќе бидат здравствените работници, што е случај и со сите други земји во светот. Треба да разберете дека е почнато со заштитата. Ќе биде потребно време за таа да биде доволна за сите. Но, можам да ве уверам дека Владата и земјата прават се за да бидат заштитени сите во земјава, изјави шефицата на Канцеларија на СЗО во Скопје, Џихан Тавила по предавањето донацијата од СЗО во институтите за судска медицина и за микробиологија, одговарајќи на новинарско прашање зошто се уште ја нема вакцини против коронавирусот во земјава.

Таа појасна дека ситуацијата околу вакцинацијата е различна во секоја земја.

– Оваа вакцина се користи за итна вакцинација, а не како другите регуларни вакцини кои доаѓаат на пазарот. Тоа значи дека е потребно многу внимателно следење и проучување од страна на Владата, за да се обезбеди дека се применува вистинската вакцина, појасни претставничката на СЗО во земјава.

Таа смета дека не се оправдани оценките дека КОВАКС механизмот не функционира.

– На знам на какви информации ја темелите ваквата оценка дека КОВАКС не функционира. Ние имаме информации дека КОВАКС вакцините ќе пристигнат многу скоро. Министерството за здравство работи со КОВАКС системот и со УНИЦЕФ да се осигура дека вакцините ќе пристигнат во догледно време, вели Тавила.

Министерот Филипче повтори дека во планот за имунизација против ковид-19 има три категории при што веднаш ќе се започне со вакцинација на здравствените работници кои се со најголем ризик, односно тие кои работат со ковид пациенти.

– Во првата група се граѓани постари од 70 години со значаен ризик во смисла на повеќе коморбидитети и луѓе со посебни потреби и институционализирани во одредени институции. Во втората група влегуваат другата група на здравствените работници со помал ризик, пациентите со хронични болести и вработените во критичната инфраструктура за државата итн. Така што тој план исто така е комунициран на повеќе нивоа кај нас со претставници на Комисијата за заразни болести, на Комитетот за имунизација, работната група која што работи на овој поле. Тој план е горе долу еднаков со сите останати стратегии во другите земји – рече Филипче.