Филипче: Нема да дозволиме скопските училишта да добијат дозвола за настава во живо за повисоките одделенија

Министерот за здравство, Венко Филипче во интервју за Радио Слободна Европа вели дека скопските училишта нема да добијат дозвола за настава во живо за повисоките одделенија.

 „Доколку училиштето е во Скопје и сака да направи исклучок и аплицира дозвола да бидат физички присутни и учениците од четврто и петто одделение од почетокот на октомври, ние нема да го дозволиме тоа.“, вели министерот.

Во однос на прославите Филипче вели дека се уште има мини кластери што се јавуваат од настани на кои луѓето не ги почитуваат превентивните мерки

„Сѐ уште има такви настани и се уште има мини кластери што се јавуваат од настани на кои луѓето не ги почитуваат превентивните мерки. Повторно се собираат, еве ги гледаме младите луѓе во угостителските објекти, на јавните површини, повторно семејни забавни, но има и еден процент од заболените кои кажуваат дека не знаат каде се заразиле“, рече Филипче во интервјуто.

Сепак според министерот големите собири во Охрид не придонеле многу во зголемувањето на бројот на заразени.

„Не така драстично зголемување како што беше појавата на, ќе го наречам, вториот бран, кога во рамките на семејните настани во затворени простории се јавуваа нови случаи. Значи многу помалку.“, заклучи Филипче.