Филипче: Планираме да дозволиме сите да бидат во училиштата

192

Министерот за здравство Венко Филипче во денешното гостување во дневникот на Сител рече дека школите не се отворени за настава со физичко присуство бидејќи здравствените власти сметаат оти е ризик поголем број на деца да бидат во една просторија.

Вели дека е свесен оти тинејџерите иако не одат во училиште се собираат во угостителските објекти и во парковите, но тоа, вели, не може да се спречи.

-Наша тенденција и план е да дозволиме апсолутно сите да бидат во училиштата. Видовме што се случи во земјите кои нагло ги отворија училиштата и сите одделенија беа со физичко присуство во училиштето. Германија ги затвори, делумно или целосно. Израел стигна до таму да направи карантин во движењето. Затоа, влезот постепено, чекор по чекор, на што поголем број на деца во затворена просторија. На почеток кај деца до трето одделение, таму каде што има инциденца на заболувањето, има многу простор во училиштето, може да се поделат децата во групи. Тие секако пред и по училиште ќе комуницираат, вели Филипче.

Рече дека средношколците се категорија на деца кај кои е помалку верно дека ќе се придржуваат до мерките.

-Ќе се групираат и пред и по училишните часови. Сега на почетокот на октомври важно е да има што е можно помал број на деца во затворена протсторија, а доколку епидемиолошката состојба остане стабилна ќе дозволиме уште некои одделенија да бидат со физичко присуство, појаснува министерот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.