Филипче: Потребен е сертификат за сите кафеани и кафулиња, без разлика дали има под или над 30 гости

Без разлика дали во угостителскиот објект има под 30 или над 30 гости, сертификатот за вакцинација е задолжителен, повтори денеска министерот за здравство Венко Филиче

-Мора да го имате сертификатот без разлика дали во објектот има под или над 30 гости. Единствена разлика е што треба да се организира редарска служба ако на настанот има над 30 присутни. За тоа кој ќе биде редар, тоа е веќе техничко прашање во надлежност на угостителите и трговските центри. Контрола ќе вршат инспектори од Државниот пазарен инспекторат, посочи Филипче.

Според вчерашните одлуки од Владата, за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина, шопинг молови), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

  • сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот САРС-КоВ-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест ковид-19 или
  • сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.