14.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Филипче: Потврдени пет нови позитивни случаи на коронавирус

Министерот Венко Филипче на прес-конференцијата по седницата на Владата изјави дека се потврдени 5 нови позитивни случаи на коронавирус и двајца дијагностицирани во друга лабораторија кои треба дополнително утре да се потврдат во лабораторија во Институтот за јавно здравје.

Четири лица од Дебар и педесет и четиригодишна жена која се вратила од Холандија преку Виена се нови пациенти позитивни на коронавирус, објави министерот за здравство Венко Филипче. Во земјава до сега има регистрирано 23 лица заразени од коронавирус.

„Таа се вратила од Холандија помеѓу 12 и 13 март, развила симптоми еден ден претходно и денеска се јавила на преглед на Инфективната клиника во Скопје. Таа била во домашна самоизолација, најдени се членовите на фамилијата, како и возачот на такси-возилото со кое дошла од аеродромот, а се бараат и 31 лице кои се вратиле со неа од Виена“, рече Филипче.

Уште четворица други од контактите од Дебар се позитивни и ќе продолжат да се лечат во Дебар.

Во приватната болница „Жан Митрев“ се јавиле две лица со симптоми на грип, и тестовите таму се позитивни, но, рече Филипче, заради усогласување со Инфективната клиника, резултатите ќе бидат повторени во нивната лабораторија.

На новинарско прашање за состојбата на лицата што биле во контакт со директорка на кожната клиника, лекарката Нина Цаца Биљановска, Филипче рече дека околу 200 лица биле во контакт со неа и дека немаат никакви симптоми.

Сите лица кај кои е дијагностициран вирусот се со лесна и средна клиничка слика, а само една пациентка е на респираторна машина. Сите лица во Дебар на домашно лекување се со лесна клиничка слика и во континуирана комуникација со лекарите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.