Филипче повика да не се заборава носењето маски

Министерот за здравство Венко Филипче, откако ги најави новите мерки што ги предложи Комисијата за заштита од заразни болести, со цел сузбивање на пандемијата од корона вирус, синоќа смени и профилна фотографија на Фејсбук.

Тој постави фотографија со маска на лицето.

Утрово пак, повикува да не забораваме, односно задолжително да носиме маски, да ги дезинфицираме рацете и да држиме дистанца.

Според насоките од Комисијата за заштита од заразни болести, доколку Владата ги усвои, за некој ден, ќе мора да носиме маски и на отворено и во затворени простории, што беше обврска и досега.

Воедно, Комисијата препорачува да нема групирање, особено по 22 часот навечер, кога не смеат заедно на јавен простор да се соберат повеќе од четворица. Повеќе од четворица не смеат ни да нѝ дојдат на гости.

Овие, сѐ уште недонесени мерки, наидоа на потсмев кај народот, па од вчера по социјалните мрежи се вртат шеги за тоа како да се скрие петтиот гостин. Ако се суди според шегите, тешко веројатно дека сите ќе се придржуваат до новите мерки.

Дека мерките не се претерани, говори фактот што повеќе земји, одамна ги имаат воведено и се спроведуваат кај нив. За тоа сведочат и бројни коментари на социјалните мрежи од нашинци кои живеат во Канада, Шпанија, Франција и други земји, каде велат, од почетокот на пандемијата не си одат на гости или дека носат маски и на отворено постојано, што тврдат, вродиле со плод.

Како новиот пакет мерки ќе функционира кај нас, останува да видиме.