Филипче презентира протоколите за наставата со физичко присуство

На денешната пресконференција МЗ Венко Филипче ги соопшти протоколите за училиштата кои ќе започнат со настава со физичко присуство.

Филипче соопшти протоколи и за настава со физичко присуство за средношколците, секаде каде тоа ќе биде возможно.

-На Владината седница дискутиравме за почетокот на учебната година. Препораката која ја даде Комисијата за заразни болести е во контекст на максимална превенција и претпазливост за понатамошно ширење на епидемијата. Разговаравме со претставници на МОН и ги разгледувавме сите аспекти. Ги следевме трендовите од минатите недели и начинот на кој вирусот се трансферираше во однос на претходните прашалници, посебно во периодот кој ни претстои. Зголемената фреквенција во септември кога сите вработени се враќаат на работа во канцелариите потенцијално може да го зголеми ризикот од ширење на вирусот – соопшти Филипче .

-Гледавме искуства од други земји како Германија и Израел, каде набргу по целосното отворање на училиштата тие повторно беа затворени поради зголемувањето на бројот на заболени. Земајќи го во предвид сето ова како искуствата од другите земји, но и есенскиот дел кој претстои потребно енаставата со физичко присуство внимателно да се следи.

Министерот за здравство потоа ги соопшти усвоените протоколи за настава со физичко присуство.

– Протоколите за основните и средните школи се речиси идентични, а детално го опфаќаат престојот на учениците во школите, како и влез и излез од училишната зграда. На влезовите ќе има средства за дезинфекција и едукативни материјали. Во основните училипшта учениците ги испраќаат учениците до влезот, се забранува нивно влегување внатре. На секој влез учениците ги пречекува надлежен наставник кој му помага на ученикот да ги дезинфецира рацете и обувките. Ќе им се мери и температура, а оние кои имаат зголемена телесна температура се враќаат дома. Вработените во училиште при влегување и за време на наставата задолжително ќе треба да  го почитуваат правилото за одржување на дистанца од 1.5 до 2 метри. На сите вработени им се мери температура при влез во училишната зграда и доколку имаат покачена температура се враќаат дома. Се забранува поздравување со физички контакт помеѓу наставниците и учениците. Наставата во училницата се изведува со најмногу 20 ученици. За основните училишта кога ќе биде возможно наставата ќе се реализира надвор, во природа, при што при оваа настава нема да носат маски, но ќе држат дистанца. Првиот ден од наставата започнува со упатства за тоа како да се почитуваат сите овие мерки.Употребата на спортската сала и другите објекти, ќе го користи строго една паралелка, односно да нема мешање помеѓу учениците. Се носи оброк од дома или ако е возможно училиштето ќе им дели оброци на учениците. Задолжително редовно проветрување, хигиена и дезинфекција на сите простории во училиштето пред и по завршување на смената, како и за време на одморите. Во средните училиште за практичниот дел се изготвува распоред за користење на тие капацитети со сите протоколи за безбедност на учениците. Доколку во училиштето се појави ученик кој имал контакт со заболен со Ковид, тој ќе треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на маска. Потоа потребно е во училиштето да дојде епидемиолог и потоа се прави план за понатамошно делување согласно со симптомите кај ученикот – информираше Филипче.