Филипче: Сакаме да го избегнеме карантинот, но нови мерки за заштита мора да има, како…

Состојбата со пандемијата со ковид-19 се влошува како во светот, така и кај нас. Месецот септември може да биде почеток на нов есенски бран на новозаразени со коронавирусот, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

– Според анализите на Комисијата за заразни болести, заклучно со 19 септември, најголем број заразени се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово и Штип. Според дистрибуција на возрасни групи и натаму е најзастапена групата на луѓе постари од 60 години, но исто така критична е групата помеѓу 30 и 39 години. Анализите на потврдените случаи во земјава покажуваат дека најголем број на новозаразените се по локален начин на пренесување на вирусот. Податоците за текот на епидемијата во последните 14 дена во споредба со другите земји покажуваат дека инциденцата на 100.000 жители кај нас изнесува 79.2 проценти, а во другите земји во просек е 76 проценти. Кај нас, во последните две недели, од вкупниот број заразени пациенти, 32 отсто имале контакт со потврден случај, 62 отсто се од непознат извор и еден мал дел се неистражени. Состојбата со болничките капацитети е стабилна – рече Филипче на почетокот на прес-конференцијата.

Од анализите на новозаразсените, додаде тој, може да се заклучи дека главната причина за зголемување на бројката се должи на непочитувањето на мерките и препораките.

– Очигледно дека граѓаните заборавија на важноста на почитување на мерките, летото е зад нас, а со тоа и стабилниот период завршува. Ризикот што го носи есента е сериозен аларм. Нема да дозволиме оние кои не ги почитуваат мерките да ги изложуваат на ризик сите останати кои можат да бидат жртви на коронавирусот. Поради оваа состојба, веќе започнавме да ги засилуваме контролите и протоколите, сите инспекторати и институции интензивно ќе работат. Апсолутно е недозволиво покрај сите најави за ризиците, сериозен дел од граѓаните да ги кршат правилата – истакна министерот.

Тој објасни дека во тек се анализи и планови за воведување нови мерки за спречување на ширењето на вирусот.

– Наша стратегија е да воведеме мерки кои директно ќе влијаат на сузбивање на вирусот. Целта е да се избегнат рестрикции на движењето и кои би ја закочиле економијата. Но, ако тоа е нужно, тоа ќе го направиме. Дел од мерките што ги разгледуваме е задолжително носење маска на отворено, регулирање на бројот на лица во угостителските објекти, ограничување на бројот на лица за групирање воопшто, силна контрола и казни за семејни прослави, како и намалување на капацитетот на јавниот превоз. Свесни сме дека ќе се соочиме со нов есенски бран. Секој од нас мора да ја разбере сериозноста од ситуацијата. Сите знаеме какви штети предизвикува карантинот, а можеме да го превенираме само ако сите се придржуваме до мерките. Од нас зависи каква есен ќе имаме – посочи Филипче.

За мајките на деца во градинка, додаде тој, ние имплементиравме мерки кои траеја 6 месеци, бидејќи градинките беа затворени.

– Сега кога се отворени градинките, практично се губи смислата на таа мерка. Децата се целосно заштитени согласно протоколите за работа на градинките. Им укажавме на дека тоа се безбедни протоколи, дека има таму кој да се грижи да децата, а уште еднаш ќе им укажеме во текот на оваа недела. Засега има сосема доволен број слободни места во градинките – рече Филипче.

Тој укажа дека хронично болните не се враќаат на работа, туку дека остануваат дома тие хронично болни за кои лекарот специјалист ќе оцени дека тие треба да останат дома во период од шест месеци.

– Во овие есенски и зимски месеци кои ни претстојат на работа се враќаат тие пациенти коишто имаат хронична болест која не им пречи врз нивното нормално функционирање. Сите мерки и препораки се носат со сериозна медицинска аргументација – објасни Филипче.

Во однос на тоа дали воопшто се размислува за набавка на руската вакцина против ковид-19, министерот рече дека се следи развојот на сите вакцини.

– Го следиме развојот на сите вакцини, имавме комуникација со рускиот амбасадор за руската вакцина, но одговор сè уште не сме добиле – рече Филипче.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.