Филипче: Состојбата е стабилна, се подготвуваат инфективни одделенија во сите болници

Во изјава за телевизија Телма, министерот за здравство Венко Филипче ја оцени ситуацијата со ковид-19 стабилна во однос на тоа што повеќе време наназад, од вкупно направените тестови, позитивни се околу 10 до 15 отсто , a со широкиот пристап на тестирање се откриваат и голем број на асимптоматски носители на вирусот.

Тој истакна дека кадарот е добро организиран со системот на ротација лекари и медицински сестри од одделенијата за интерна медицина во одделенијата за инфектологија, а болниците имаат сосема доволно капацитети со оглед на процентот на хоспитализирани пациенти. Филипче најави дека наскоро  ГОБ „8 Септември“ ќе почне со редовно работење.

– Овој начин на пристап, во однос на индикацијата за тестирање, а тоа е тестирање на сите кои имаат симптоми, меѓутоа и лицата кои со контакти и имаат исклучително висок ризик, е добра стратегија којашто треба да продолжи, заради тоа што се откриваат огромен број асимптоматски носители и со тоа се ставаат во изолација и на тој начин се спречува ширењето на инфекцијата. Еден од најдобрите индикатори каква е сега ситуацијата е капацитетот во болниците – има доволно слободни кревети на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“. Ние планираме веќе од следната недела да почне и распоредување на пациентите од ГОБ „8 септември“ на Инфективната клиника, имајќи предвид дека таму има доволно слободни кревети и на самата клиника, а целосно е празна и модуларната болница, за да почне редовниот програм во ГОБ „8 Септември“, пред сè во делот на ортопедијата. Добро се менаџира и со бројот на пациенти во инфективните одделенија низ државата, во клиничките и општите болници, секојдневно имаме утринска координација со директорите, во таа смисла сметам дека ситуацијата е апсолутно стабилна и под контрола – изјави Филипче.

Тој  се осврна на болничките капацитети кои се подготвуваат за есенскиот бран.

– Вкупниот број кревети, кои би требало да бидат наменети за оваа патологија во ГОБ „8 Септември“ би требало да биде некаде околу 75, меѓутоа тоа што е најбитно е физички да се ослободат спратовите каде треба да се сместат пациентите со друга патологија, за што веќе има план. Исто така, има план за работа и помош од лекарите анестезиолози, кои се најбитни во тој процес за повторно воспоставување на оперативниот програм. Меѓутоа, во очекување на есенските месеци, кога очекуваме да има и поголем број пациенти заболени од ковид, но и пациенти заболени од сезонски грип, ние го разработуваме планот за дополнување на капацитетите во сите општи и клинички болници во државата, со цел да се направат мини инфективни одделенија, по примерот на модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје за целосно да се одделат болниците од овие одделенија и болниците да останат да ги третираат пациентите од вообичаена патологија. Овие инфективни одделенија ќе ги третираат пациентите заболени од ковид,  физички се одделени, затоа што тоа се сепак пациенти на кои им се потребни и посебни услови.“ – истакна Филипче.

Тој информира дека за овој проект кој во текот на следната недела ќе го предложат пред јавноста, се разговара за можноста да биде финансиран од кредитот од Светска банка.

– Во текот на утрешниот ден имаме работен состанок на којшто ќе ги образложиме пред експертите на Светска банка сите аспекти на овој проект, при што тоа подразбира подобрување и надградување на инфраструктурата во смисла на болнички кревети, како и на лабораториите, во смисла на тоа секоја болница има своја лабораторија за брзо тестирање, резултати кои ќе бидат готови за 45 минути, и секако планот за распределување на младите лекари, кои се сега лиценцирани пред неколку недели. Голем број од младите колеги, кои завршија и добија лиценци за работа покажаа интерес да работат со овие пациенти. Така што сметам дека ова е еден модел којшто ќе даде одлични резултати, и тоа што со надрадување на сите овие капацитети што ги спомнав и физичкото одделување на пациентите заболени од ковид, ниту една друга вообичаена работа нема да биде компромитирана, ниту ќе се создаваат листи на чекање – вели во изјавата за Телма, министерот Филипче.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.